Речиси секојдневно може да се види непрописно преминување на улиците од страна на пешаците / Фото: Игор Бансколиев

Според достапните податоци на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, околу 25 проценти од вкупниот број загинати и повредени во сообраќајни несреќи се пешаци. Изразено во апсолутни бројки, во земјава, во просек, годишно го губат животот од 30 до 35 пешаци, а најчесто страдаат повозрасни лица

СООБРАЌАЈНАТА КУЛТУРА НА СЀ ПОНИСКО НИВО

Непрописното преминување улици од страна на пешаци е еден од најчестите прекршоци што свесно или несвесно ги прават граѓаните, не размислувајќи за последиците што може да им ги донесе таквото неодговорно однесување. Дневниот билтен на Министерството за внатрешни работи речиси никогаш не е без информација за прегазени пешаци, независно за кој дел од државата станува збор. Информациите говорат дека пешаци најчесто излетуваат на улиците на локации каде што нема одбележан пешачки премин или, пак, скокаат преку жардиниери и тревници, истрчувајќи директно на сообраќајниците каде што возилата се движат со брзина од 50, 60, па и повеќе километри на час.
За жал, многубројни се случаите каде што епилогот од ваквото преминување на улиците се сериозни повреди кај пешакот или, пак, прерано згаснување на животот. Според достапните податоци на интернет-страницата на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, околу 25 проценти од вкупниот број загинати и повредени лица во сообраќајни несреќи се пешаци. Изразено во апсолутни бројки, во земјава, во просек, годишно од 30 до 35 пешаци го губат животот во сообраќајни несреќи.
Низ скопските улици речиси секојдневно може да се види како и родители со мали деца во рацете претрчуваат улици на крајно несоодветни места, ризикувајќи го не само сопствениот туку и животот на своето дете. Низ цела Македонија во поголемите градови сликата е иста.

– Се преминуваат улиците на ризик. Никој не внимава каде ќе претрча, никој не се оптоварува со тоа дека може да го загуби сопствениот живот. Но сите внимаваат да не ги фати полиција. Сите се плашат од тоа. Кај нас, на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош, во последно време често може да се забележи полициска патрола, која ги предупредува граѓаните за непрописното однесување. Откога зачестија со посетите на нашата населба, прво што прават соседите пред да преминат улица е проверка случајно да не има полиција во близината. Значи, никој не внимава за сопствената безбедност, туку внимаваат на тоа да не добијат казна од страна на полицијата – вели Душанка, жителка на Бутел.
Но не се во прашање само пешаците, не е помала вината и на некои од возачите. Во билтените на МВР се забележани и случаи во кои пешаците прописно се обиделе да ја преминат улицата, но возачите возеле пребрзо, со што веќе ја донеле пресудата за сопствениот и туѓиот живот.
– Кај нас на улицата возачите возат навистина брзо и воопшто не внимаваат на пешаците. Живеам на булеварот Цветан Димов. Веќе знаете дека надлежните поставија дури и столпче на средината на улицата за да се спречат возењето во спротивна лента и непрописното вртење, што често многумина ги чинеше живот. Многубројни се жртвите на нашава улица. За жал, ситуацијата не е ваква само кај нас во Чаир. Слично е и во Карпош на Партизанска, каде што има случаи на прегазени пешаци, и тоа на пешачките премини. И тука е голем бројот на пешаци што станале жртви на пребрзо возење на возачите – вели Билјана Трајковска.

Граѓаните се сложни во мислењето дека се потребни поригорозни казни за ваквото несовесно постапување и на пешаците и на возачите. Велат дека само така ќе почне да се воспоставува ред во сообраќајот и оти на тој начин ќе се подигне нивото на сообраќајната култура.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека движењето на пешаците во јавниот сообраќај и висината на глобата се регулирани во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во глава III, Правила на сообраќајот на патиштата, точка 21. Висината на глобите е предвидена од 15 до 50 евра во денарска противвредност во зависност од сторениот прекршок (на обележан пешачки премин на кој сообраќајот на пешаците е регулиран со светлосни сообраќајни знаци за пешаци, поминување на затворен семафор – црвено светло, преминување преку коловоз на место каде што не постои обележан пешачки премин и друго) – информираат од МВР.

[email protected]