Без страв и жал, малолетници убиваат како во хорор-филмови

Психологијата тешко може да објасни зошто има случаи кога деца убиваат деца и зошто убијците се одлучуваат на такви постапки. Извршителите најчесто одат во поправни домови, но некои добиваат и доживотен затвор

Исклучително ретко се случува дете да изврши сериозен криминал, но не е реткост да изврши убиство. Но кога ќе се случи тоа и кога светските медиуми ќе известат за некој таков инцидент, граѓаните со неверување, но и со голем интерес ги следат таквите случаи. Убиството е комплексно криминално дело. Психологијата не може да објасни докрај зошто возрасните се решаваат на таков чекор, а кога станува збор за деца, мистеријата е уште поголема. Забележани се злодела направени од деца што нападнале помлади од нив, а жртвите биле најчесто на возраст од шест до осум години.

Во повеќето случаи, чувството на моќ и на сила што го чувствувале, а често и деструктивната љубопитност, односно, интересирањето да дознаат какво е чувството да се изврши убиство, се најпознати причини за убивањето. Има повеќе случаи каде што деца извршиле убиство и додека го правеле тоа, а и по убивањето, покажувале голема ладнокрвност, не изразувале ниту трошка жал, а и не се покајувале.
Арон Кампбел ја грабнал шестгодишната Алеша Макфел од нејзината соба додека спиела и престојувала кај нејзините баба и дедо во Шкотска. Имал само 16 години кога го извршил свирепото убиство. Тој ја силувал и брутално ја убил Алеша, нанесувајќи ѝ тешки повреди. Потоа го фрлил нејзиното тело во шума. Подоцна малата Алеша била пронајдена гола од страна на припадниците на полицијата. Биле избројани 117 поединечни повреди на целото тело. Кампбел бил обвинет за злосторството што го направил, а судијата изјавил дека ова е најсуровото и најзлобно злосторство направено од дете што некогаш го видел.

Десетгодишниот Дамиола Тејлор бил брутално убиен од страна на браќата тинејџери Дени и Рики Педи, кои за своето злодело завршиле во затвор. Тие биле на дванаесет и на тринаесетгодишна возраст. Додека Дамиола се враќал дома од библиотека во југоисточен Лондон, во ноември 2000 година, еден од убијците му се доближил со парче од скршено шише и го прободел. Момчето успеало да избега на скали каде што искрвавило до смрт. За овој случај имало дури три судења, а актуелни биле неколку теории за неговата трагична смрт. На првото судење сведок било мало девојче, чие сведочење на било прифатено од страна на судијата. На второто судење немало доволно докази за да се донесе пресуда за убиство, а на третото двајцата браќа конечно биле осудени на осумгодишен затвор во институција за малолетници.
Додека возел велосипед во локален парк во Њујорк, тогаш тринаесетгодишниот Ерик Смит удрил во четиригодишното момче Дерик Роби, кое одело само во паркот.

Смит го одвел момчето во затскриен шумски дел во паркот, го задавил, фрлил два големи камења врз него и на крајот со дрво го удирал неговото тело. Бил осуден за убиство, за кое била предвидена затворска казна од девет години до доживотен затвор. Осум пати било одбиено неговото барање да биде пуштен на слобода со кауција. Во 2005 година тој изјавил дека бил злоупотребуван во семејството и дека поради тоа неговото однесување било такво. Како и да е, неможноста да изрази емоции додека ги давал изјавите, било главна причина за психолозите да тврдат дека тој никогаш нема да биде рехабилитиран комплетно и ослободен за да живее во општеството како нормален човек.

Лајонел Тат е најмладиот Американец што е осуден на доживотен затвор без можност за условно ослободување. Неговата мајка Кетлин ѝ била дадилка на шестгодишната Тифани Еник, а Лајонел за момент бил оставен сам со неа. По 45 минути играње со девојчето, тој ѝ рекол на мајка си дека Тифани не дише, а всушност ја задавил и ѝ ја удирал главата од маса. На судењето, судијата истакнал дека Лајонел ја убивал Тифани додека таа не им подлегнала на повредите. Неговата доживотна пресуда беше многу контроверзна, бидејќи е изречена за толку младо момче. Тој бил осуден на една година домашен затвор, но бидејќи повторно извршувал кривични дела, е вратен во вистински затвор.

Џошуа Филипс, пак, извршил убиство кога имал 14 години, додека играл бејзбол во дворот во својот дом во Флорида. Во тој момент, ја удрил осумгодишната Меди Клифтон во окото, по што таа почнала да крвави. Филипс изјавил дека го фатила паника од реакцијата на неговиот татко, па поради тоа тој ја задавил со телефонски кабел и ја прободел 11 пати. Потоа го скрил нејзиното тело во кутијата од неговиот воден кревет, а неговата мајка го пронашла телото една недела подоцна. Аутопсијата покажала дека девојчето не било сексуално злоупотребувано, иако нејзиното тело било пронајдено разголено од половината надолу. Убиството било мотивирано поради насилниот татко на Филипс, кој би бил многу лут доколку ја видел повредената Меди кај нив. Момчето немало никакви злосторнички криминални дела. Осуден е како возрасен на доживотен затвор, без можност за условна слобода.

Крег Прајс во 1989 година станал сериски убиец, убивајќи четири лица во неговото соседство. Кога имал само 13 години, тој провалил во куќа од соседството и 58 пати ја прободел со нож дваесет и седумгодишната Ребека Спенсер. Не бил осомничен за убиството, сѐ додека не го признал делото дури две години подоцна, откако влегол да ги убие своите соседи, додека бил под дејство на марихуана и ЛСД. Жртвите, 39-годишната Џоан Хитон и нејзините ќерки Џенифер (10) и Мелиса (8), биле прободени повеќе од 30 пати со нож.
На судењето воопшто не покажал каење, дури и превртувал со очите, додека роднините на жртвите плачеле на сведоштвата. Тој одбил да прави тестирања, бидејќи се плашел од резултатите, кои можеле да го остават доживотно во затвор. Бил осуден на 25 години затвор, но неговото насилно однесување во затворот било причина никогаш да не излезе од него.

Алиса Бустаманте ја намамила својата деветгодишна сосетка Елизабет Олтен во шумата, каде што ја задавила, ја обесила и потоа ја закопала во плиток гроб. Бустаманте била проблематична тинејџерка од државата Мисури. Имала долга медицинска историја. Таа била депресивна, насочена кон себеповредување и имала самоубиствени обиди.
– Штотуку извршив убиство. Ја задавив, ѝ го исеков грлото и ја прободев со нож и сега е мртва. Не знам како се чувствував во тој момент – напишала таа во својот дневник.
Подоцна додала дека чувството било неверојатно.

– Откога ќе се победи чувството на страв, добиваш чувство на уживање. Некако сум нервозна и се тресам. Морам да одам во црква – напишала таа.
Нејзината мајка Пати Преис ја нарекла „злобно чудовиште“ и изјавила дека откога го слушала нејзиното сведочење и откако го прочитала нејзините зборови во дневникот почнала да ја мрази сопствената ќерка. Бустаманте добила доживотен затвор без можност за ослободување.