Фото: Архива

Немало насока, ниту некој ги контактирал за учество во протестите „За заедничка Македонија“, истакнаа сведоците на денешното рочиште од судењето за организаторите за настаните од 27 април 2017 година, меѓу кои беа ракометарот Борко Ристовски, претседатели на партиски комитети и член на ЦК во тоа време.

Повеќе сведоци повикани од одбраната досега сведочеа дека обвинетите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески не контактирале членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ за нивно учество на протестите „За заедничка Македонија“.

Прв сведок денеска беше ракометарот Борко Ристовски, кој истакна дека во тој период не живеел во Скопје и немал никакви активности за протестите, туку дека ги поддржувал преку социјалните мрежи.

– Ниту ги познавам лично Спиро Ристовски и Миле Јанакиески ниту, пак, некој друг ме контактирал за тоа – кажа Ристовски, одговарајќи на прашањето дали Спиро Ристовски или Миле Јанакиески го контактирале за протестите.

Покрај Ристовски, сведочеа и актерот Тони Михајловски и активистот Александар Пандов кои истакнаа дека самоиницијативно дале поддршка за протестите и учествувале во нив.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски Миле Јанакиески и за образование Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Следното рочиште на кое се очекува да сведочат Емил Димитриев, Митко Чавков и Кирил Божиновски, е закажано за 5 февруари.