Изчезнатото момче Пинета Секондо било убиено и закопано во дупка во селото Љуботен. Неколку месеци откако неговата мајка алармираше дека исчезнал нејзиниот син, полицијата информираше дека е расветлен случајот. Според досегашните сознанија од истрагата, 26-годишното момче било застрелано со пушка во главата во атарот на Арачино. Неговото тело потоа било однесено во селото Љуботен, каде било закопано во дупка и покриено со ќебе. Скелетот го пронашол граѓанин, кој веднаш пријавил во полиција. Поднесени се две кривични пријави, а од обвинителството информираат дека е покрената истрага против едно лице за убиството на младиот Секондо.

Како што информира МВР, Единица за насилен криминал при СВР Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје, поднесе кривична пријава против Ф.А.(27) и А.Ѓ.(22) од Скопје, за убиство на Пинета Секондо, кој на 11.12.2018 година од страна на неговата мајка, бил пријавен за исчезнат во полиција.

-На 29.04.2019 година во Единицата за известување и команда при СВР Скопје од страна на граѓанин пријавено е дека на место викано Башинец во атарот на селото Љуботен пронајден е човечки скелет покриен со камења. По преземени оперативно тактички мерки дојдено е до сознание дека извршители се горенаведените лица, по што добиена е наредба за претрес во дом и други простории од Основно јавно обвинителство Скопје и извршен е претрес во домовите на пријавените како и на уште две лица, роднини на првопријавениот. Во домот на првопријавениот пронајдени се СИМ картици, лични документи, мобилен телефон, УСБ, мемориска картица, една фантомка и возило Опел Аскона. По Ф.А. распишан е централен распис. На 30.05.2019 година второпријавената А.Ѓ. е лишена од слобода во просториите на СВР Скопје, соопштија од МВР.