Скопското основно јавно обвинителство поведе постапка против едно лице поради сомнение дека како сметководител сторило кривично дело проневера во службата.

Како што информираат од обвинителството, осомничениот во периодот од 28 април 2016 до 28 ноември годинава, како сметководител во нотарска канцеларија, со намера за себе да оствари противправна имотна корист присвоил пари кои му биле доверени во службата во вредност од 10.913.195 денари.

– Тој неовластено пополнил и потпишал налози за пренос на парични средства од банкарската сметка на нотарот, на банкарска сметка на неговата сопруга. Потоа, осомничениот како овластен потписник на банкарската сметка на неговата сопруга ги подигнал во готово паричните средства – објаснуваат од обвинителството.

Јавниот обвинител кој постапува во предметот, до судот поднел предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот: забрана за напуштање на живеалиштето, обврска на осомничениот повремено да се јавува кај службено лице и привремено одземање на пасошот.

Предложените мерки се во насока на обезбедување на непречено одвивање на кривичната постапка, а поради постоење на опасност од бегство на осомничениот и опасност за повторување на кривичното дело.