Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска издаде Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица, македонски државјани. Лицата се осомничени дека како вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи, ја злоупотребиле својата службена положба и овластување и го оштетиле Буџетот на Република Македонија за 50.670.000 денари.
 
Во периодот од јануари 2007 година до мај 2017 година, осомничените како службени лица во Управата за безбедност и контраразузнавање, со неизвршување на своите службени должности, постапиле спротивно на „Упатството за користење на средства за посебна намена на УБК“. Во наведениот временски период, во 172 наврата, осомничените подигнале парични средства за кои поднесувале барања и стални признаници за износите што ги подигнувале. На крајот од годината, документацијата за исплата – „Главните книги за евиденција“ ги уништувале, без посебно одобрение од Директорот на Управата и без записник, не оставајќи примерок од прегледите, извештаите и главната книга за евиденција. Со ваквите дејства предизвикале штета на Буџетот на државата во вкупен износ од 50.670.000 денари.
 

Ценејќи дека се исполнети условите, надлежниот јавен обвинител до Судијата за претходна постапка при Основниот суд Скопје1 – Скопје, достави предлог за определување мерка – притвор за осомничените.