Илија Димовски, обвинетиот пратеник во предметот „Титаник” на СЈО, рече дека сите обвинети во предметот мора да имаат увид не само во доказите туку и во списите на предметот, алудирајќи на увид во писмото на Катица Јанева. Тој побара одговор за правната основа за застапување на предметот од Обвинителството.

Димовски праша и каде е заснован работниот однос на обвинителката Лиле Стефанова и дека според нивните информации таа сè уште е обвинител од СЈО, а разрешената јавна обвинителка Катица Јанева е осомничена во истрагата „Рекет”.

Во однос на овластувањата од Љубомир Јовески, Димовски претпостави дека „тоа значи дека може Џафери без предлог од премиерот и гласање од пратениците да достави јавно овластување за министер за внатрешни работи за лице за кое тој мисли дека треба да му го додели”.

– Судот треба да запре со оваа постапка до давање одговор на овие прашања, во врска со минимим две начела: економичност на постапката и заштита на правата на обвинетите – дополни Димовски.

Покрај Никола Груевски во предметот „Титаник”, во предметот обвинети се и Билјана Бришковска-Бошковски, Мартин Протоѓер, Илија Димовски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Едмонд Темелко, Кирил Божиновски, двајца од Агенцијата за разузнавање: Киро Тодоровски и Мунир Пепиќ, како и уште 11 други лица.