Основното јавно обвинителство од Радовиш издаде наредба за преземање дејствија за пронаоѓање на возачот кој вчера избега по сообраќајната незгода во која загинаа двајца мигранти, а повеќемина беа повредени.

Издадена е и наредба за наредба за сообраќајно–техничко вештачење на возилото, обдукција на двете починати лица, како и наредба за идентификација на останатите мигранти.

– При увидот фиксирани се пронајдените траги, местото на настанот е скицирано и фотографирано, извршен е преглед на оштетувањата на возилото со кое се пренесувале миграните и подигнати се траги од биолошко потекло – се наведува во денешното соопштение од ОЈО.

Во сообраќајната несреќа починаа двајца мигранти, шест се здобија со тешки телесни повреди и 15 со телесни повреди. До несреќата дошло кога товарното возило „ивеко“ во кое се превезувале 23 мигранти од Бангладеш и Шри Ланка излетало од коловозната лента и со предниот дел удрило во металната ограда од надвозникот.

Дел од мигрантите по укажаната лекарска помош се сослушани и сместени во Прифатниот центар во Гази Баба, а дел се задржани на болничко лекување во Клиничката болница во Штип.