Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје, во периодот од 6 до 12 февруари 2020 година, на телефонскиот број 193, кој е дел од кампањата „Пријави оган на отворено“, регистрирала 19 пријави од граѓаните. Од вкупниот број пријави, во 7 случаи пожарникарите излегле на терен со противпожарни возила и го изгаснале огнот што горел на отворено. Преостанатите 12 пријави од граѓаните се проследени кај инспекторите на град Скопје за да поведат постапка против сторителите.

Во сезоната со зголемено загадување на воздухот, град Скопје ја продолжи кампањата за пријавување огнови на отворено на бесплатната телефонска линија 193. Град Скопје преку својот инспекторат и територијалната единица за противпожарна заштита, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст, организира мешани тимови, кои работат секој ден, 24 часа, и се справуваат со огновите на отворено.

Оваа кампања се спроведува трета година по ред и досега има одлични резултати.

Град Скопје и бригадата за противпожарна заштита апелираат граѓаните да ги пријавуваат сите случаи на палење оган на отворено за да може огнот што побргу да се изгасне, а сторителите да се санкционираат.