Заменик-главниот обвинител и директор на Националната истражна служба Борислав Сарафов за „БТА“ изјави дека веќе се идентификувани сите 45 жртви на автобусот со македонска регистрација што се запали на автопатот „Струма“. Нивната идентификација е направена со ДНК-профили.

Вчера со указ на јавниот обвинител, било дадено одобрение посмртните останки на жртвите да им бидат предадени на претставници на Владата на Македонија за транспорт и трансфер до нивните роднини, рече Борислав Сарафов.

Според најавите, бугарската влада ќе помогне во транспортот со обезбедување на воен авион. Вчера заврши и транспортот на сите седум повредени патници.

Несреќата во која загинаа 45, а седум лица беа повредени се случи во раните утрински часови на 23 ноември кога тие со автобус на агенцијата „Беса транс“, преку Бугарија, се враќаа од патување во Истанбул.