Поранешниот член на Државната изборна комисија, Бедредин Ибраими, обвинет за случајот „Титаник 2“, на седница пред петтемина апелациски судии, рече дека му било ускратено правото да му се суди пред независен и непристрасен суд и побара судот да ја укине првостепената пресуда.

– Ме судат зашто сум донел законска одлука – рече Ибраими и дополни дека првостепениот суд донел погрешни заклучоци, како тој дека основа за поништување на гласањето е фактот што немало вишок ливчиња во кутијата.

Ибраими направи паралела и кажа дека во јавноста биле објавени аудиоразговори меѓу актуелната министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и тогашниот вицепремиер во Владата на Никола Груевски, Фатмир Бесими, за гласање во ДИК.

– Годината е иста, изборите се исти. Кој беше сигурниот глас на СДСМ, тогаш – праша Ибраими, споредувајќи ги неговиот разговор и разговорот на Шекеринска и Бесими.

Обвинетиот кажа дека освен тој разговор со Тачи, имал уште два разговора, во кои, како што кажа, му рекол на лидерот на ДПА дека не може да гласа спротивно од неговото убедување.

– Овие два разговори се кријат – рече Ибраими.

Кривичниот суд во Скопје во март годинава на Мијалков му пресуди три години затвор во овој предмет. Поранешниот директор на УБК беше осуден за примање награда за противзаконско влијание, бидејќи преку лидерот на ДПА, Мендух Тачи, побарал да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими, да гласа за поништување на гласачко место во Струмица.

Лидерот на ДПА, Мндух Тачи, беше осуден на три години и два месеца затвор, Бедредин Ибраими доби четири години и шест месеци, а членовите на ДИК, Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска добија по три години затвор.