Пратеникот Мухамед Зекири кој денеска сведочеше за настаните од 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија посочи дека на обвинителната клупа меѓу обвинетите го видел лицето кое држеше пиштол во прес-салата.

– Лицето кое го држеше пиштолот денеска го видов на обвинителната клупа и е меѓу обвинетите. Тоа како што сите знаеме е Игор Југ. Јас во исказот го опишав како изгледаше човекот што го држеше пиштолот и на кој му испадна пиштолот во прес-салата и потоа се наведна да го земе – изјави Зекири по завршувањето на испитувањето.

Претходно во сведочењето во Кривичен суд рече дека од кабината на галеријата на прес-салата каде се криел од налетите на толпата заедно со уште четири колешки видел едно ќелаво лице со брада облечено во црна маичка како во десната рака на задниот дел од телото држи пиштол. Во еден момент пиштолот му паднал, а тој се наведнал и го подигнал. Тоа лице било во третиот ред од толпата. Одговарајќи на вкрстени прашања истакна дека не е вештак и оти не може да каже дали пиштолот бил метален или пластичен.

Видел, како што рече, уште две други вооружени лица за кои подоцна дознал дека се од собраниското обезбедување. Го препозна Абдуљфета Алими од собраниското обезбедување кој сега е обвинет за настаните од 27 април и додаде дека заедно со другото лице од обезбедувањето го видел само во првиот налет на толпата, а подоцна не можел да го види од кабината каде се криел.

Во најголемиот налет на толпата, чул и еден до два истрели од обезбедувањето на Оливер Спасовски по што толпата се смирила и престанала да фрла со стативи од камери, шипки и монитори по пратениците во Собранието. Подоцна кога ги извлекувала полицијата, првично во галеријата од сала три, а подоцна и од пратеничката канцеларија видел дека е тешко повредено лицето од обезбедувањето на Спасовски. Него прв го изнеле полицајци во цивил на врата која претходно ја извадиле од канцеларијата.

Во врска со тврдењето на одбраната дека знае многу повеќе и дека во исказот во обвинителството дал и други факти, Зекири изјави по завршувањето на сослушувањето дека исказот му е ист.

– Мојот исказ е ист и не сум сменил ништо во однос на исказот што го кажав во Обвинителството. Кажувам тоа што видов и тоа што се случуваше во Собранието на 27 април – рече Зекири.

Денешното рочиште треба да продолжи со сослушување на сведокот Петре Шилегов.

Судењето ќе продолжи и утре со сослушување на четири сведоци, меѓу кои и премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Прв ќе сведочи поранешниот пратеник Никола Тодоров, а по него ќе следат сведочењата на Вејсел Мемеди, Зоран Заев и Оливер Спасовски.

На минатото рочиште сведочеа Дамјан Манчевски, Фросина Ременски, Павле Богоевски и Илија Николовски.