Најчесто мажите се тие што посегнуваат по сопствениот живот. Од вкупната бројка на самоубиени, дури 21 лице се мажи, а осум се жени. Според возрасната граница, лицата над 36-годишна возраст најмногу посегнуваат по својот живот. Дури 25 лица што припаѓаат на оваа старосна граница си го одзеле животот. Од 18 до 35 години три лица си го одзеле животот, а до 18 години (во малолетништво), само едно лице си го одзело животот

ПОРАЗУВАЧКА ЦРНА СТАТИСТИКА ЗА СУИЦИДОТ ВО ДРЖАВАВА

Тешко е да се разбере зошто некој извршил самоубиство, а уште потешко е да се сфати доколку како причина се отфрли нарушеното ментално здравје на жртвата. Многумина се прашуваат и не можат да изнајдат рационално објаснување за тоа зошто некој би одлучил да си го одземе животот со толку голема леснотија. Денес, сѐ почесто слушаме и читаме од црните билтени на Министерството за внатрешни работи за голем број самоубиства во земјава. Енигмата кај сите останува иста, и покрај многубројните информации нафрлени во медиумите. Точната причина за суицидот ретко некој не ја препознава и третира сериозно, а психолозите во светот се согласни дека генерално станува збор за ментална слабост, крахирање, колабирање, што резултира со одземање на животот.

ГОЛЕМ БРОЈ САМОУБИСТВА ВО ЗЕМЈАВА

Македонија сѐ уште е во шок од неодамнешните самоубиства што се случија во Штип. Во рок од 24 часа, се самоубија момче и девојка. Животот најпрво си го одзело 25-годишно момче на археолошкиот локалитет Баргала, а по неколку часа се самоубила и 22-годишната девојка.
Многубројни беа шпекулациите во медиумите за причините за двојното самоубиство. Според неофицијални информации, станувало збор за забранета љубов, додека според други информации, пак, причина е нивната разделба.
Која и да е причината, веста беше шокантна за целата земја. Трагично завршија животите на две млади лица.
За жал, самоубиствата не се непознати за македонската полиција. За периодот од јануари до март годинава, во земјава се извршиле дури 29 самоубиства, од кои најголемиот број се во Скопје, дури 12. Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, во Битола се извршиле четири, во Струмица шест, во Велес, Тетово и Куманово по две, а во Штип едно самоубиство. Најчесто, кога ќе одлучат да си го одземат животот, самоубијците тоа го прават со бесење. Дури 15 се самоубиле со бесење, а четири си го одзеле животот со оружје. Исто толку се удавиле во вода. Три лица скокнале од поголема височина, едно лице си ги исекло вените. За другите две лица не е познат начинот на кој си го одзеле животот.
Најчеста причина за самоубивање во земјава е нервното растројство, кое е и најчеста причина за посегнување по сопствениот живот во светот. Дури 11 лица се самоубиле како последица на оваа болест. Поради фамилијарни караници едно лице се самоубило, додека имањето некоја посериозна болест било причина за самоубивањето на три лица. За преостанатите 14 лица, не се познати причините за самоубивање.
Најчесто мажите се тие што посегнуваат по сопствениот живот. Од вкупната бројка на самоубиени, дури 21 лице се мажи, а осум се жени. Според возрасната граница, лицата над 36-годишна возраст најмногу посегнуваат по својот живот. Дури 25 лица што припаѓаат на оваа старосна граница си го одзеле животот. Од 18 до 35 години три лица си го одзеле животот, а до 18 години (односно малолетник) само едно лице си го одзело животот.

САМОУБИСТВАТА ЗАФАЌААТ ГОЛЕМ ПРОЦЕНТ ЗА СМРТНОСТ ВО СВЕТОТ

Пандемијата дополнително влијаеше на зголемување на бројот на самоубиства насекаде во светот. Беспарицата, гледањето безизлезност од состојбата, накалемувањето на проблемите се доволна причина за многумина спасот да го побараат во окончувањето на животот.
За жал, бројките покажуваат дека самоубиствата сѐ уште се една од водечките причини за смрт во светот. Како што говорат податоците на Светската здравствена организација, над 700 илјади луѓе си ги одзеле животите во 2019 година или, поинаку кажано, секоја година повеќе од 800.000 луѓе умираат поради самоубиство.
Според информациите на Центарот за јавно здравје, ова грубо одговара на едно самоубиство на секои 40 секунди. Самоубиството во некои земји е меѓу трите водечки причини за смрт кај лицата на возраст од 15 до 44 години и втора водечка причина за смрт во возрасната група од 10 до 24 години. Овие податоци не ги вклучуваат обидите за самоубиство. Бројот на обиди може да е повеќекратно поголем од бројот на самоубиства (10, 20 или повеќепати, според некои истражувања).
– Бројот на смртни случаи од самоубиство во Р Македонија е 167 во 2009 година и 122 во 2010 година (последни достапни податоци). Тоа претставува стапка од 8,1/100000 и 5,9/100000 жители во Р Македонија во 2009 и 2010 година, соодветно – наведено е на интернет-страницата на ЦЈЗ.
Душевните растројства, примарно депресијата и растројствата од злоупотреба на алкохол, насилството, загубите во текот на животот, културната и социјалната позадина, претставуваат важен ризик-фактор за самоубиство. Првите се важен ризик-фактор за самоубиство во Европа и во Северна Америка, додека во азиските земји импулсивноста игра важна улога. Самоубиството е комплексно и вклучува психолошки, социјални, биолошки, културни и други фактори на средината.
Во 2019 година, земји со најголем број самоубиства беа Јужна Кореја, со 28,6 самоубиства на 100 илјади жители, Литванија, со 26,1 самоубиство на 100 илјади жители, Русија, со 25,1, и Јужна Африка со 23,5 самоубиства.

[email protected]