Судијата Зоран Димитриевски, кој одлучи Катица Јанева да излезе од притвор и да оди во куќен притвор, сега заедно со уште двајца судија од Апелација ќе одлучува дали првообинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски, ќе добие поблага мерка за обезбедување на присуство.

Дуковски смета дека советот од Кривичниот суд, го продолжил врз основа неважни факти. Тој ги потсети судиите дека тие претходно донеле одлука Јанева да оди во куќен притвор, а истите проблеми ги има и неговиот клиент. Адвокатот на Јовановски вели дека има нееднаквост во постапката, бидејќи за шест месеци неговиот клиент секој трет ден се носи во болница.

– Има несериозен пристап за продолжување на притворот од страна на кривичниот совет. Брутално се крши начелото за пресумција на невиност, бидејќи советот нема задача да носи одлука според степенот на кривичното дело, а во тек е главна расправа. За ова ќе паднат на испит на Правен факултет. Не може ако некој одлучил да се жени или мажи, тоа да биде отежителна околност. Не е ниту точно дека Јовановски нема имот. Јовановски за шест месеци се носеше 55 пати во болница, односно, секој трет ден. Беше хоспитализиран седум дена во болница. И пак е вратен во затвор – рече Дуковски презентирајќи ја документацијата за здравствената состојба.

Вишото обвинителство пак, дало негативно мислење за укинување на мерката притвор на Бојан Јовановски, бидејќи во целост се исполнети условите за продолжување на мерката.

Кривичниот суд при определување на притвор, посочил дека поблага мерка за Јовановски не може да се изрече, поради предвидената казна, но и материјалниот и семејниот статус на првообвинетиот во „Рекет“.

– Основаноста произлегува од видот и карактерот на кривичното дело, запретената казна, соочување за можноста ефективна казна затвор, со што постои реална опасност од бегство. Материјалните и семејните околности исто така се земени во предвид. Тој нема недвижен имот на негово име, често патува во странство – пишува во изреката од пресудата за продолжување на куќниот притвор од страна на Кривичниот суд.