За да украдат бакар, крадци демонтирале трансформатор поставен на столб висок пет метри во месноста Врбенски манастир близу детското одморалиште Бунец во Мавровскиот регион, соопшти денес СВР Тетово. Кражбата ја пријавил 57-годишен вработен во јавната установа Илиден која стопанисува со одморалиштето и чија сопственост бил трансформаторот.

– Кражбата се случила во периодот помеѓу 12 и 17 овој месец. Засега непознати сторители, најпрво се искачиле на столбот висок пет метри, на кој бил поставен трансформаторот, го демонтирале, го спуштиле на земја, го извадиле капакот и одзеле повеќе бакарни елементи-намотки, а потоа незабележани заминале, се вели во соопштението на полицијата.

Билтенот на случувања бележи уште една слична кражба. Во понеделникот околу 12 часот 56-годишен тетовец, вработен во фирма за одржување на базните станици на „Македонски телеком“, во Полициското одделение Групчин пријавил дека во периодот од ноември 2017 година до 17 април оваа година, засега непознати сторители извршиле тешка кражба во базната станица над тетовско Седларево.

– Откако насилно го оштетиле контејнерот на базната станица, одзеле акумулатор и 150 литри нафта, противправно стекнувајќи вкупна имотна корист од 15 илјади денари, додека причинетата материјална штета се проценува на 25 илјади денари, велат од СВР Тетово.

За двете кражби направен е увид на самите места, па полицијата ќе почне да работи во насока откривање на сторителите.

А.С.