За „копање“ биткоини Македонците крадат струја

СЀ ПОВЕЌЕ АТРАКТИВНА ЗА ГРАЃАНИТЕ ПОТРАГАТА ПО КРИПТОВАЛУТИ

Во Законот за Народната банка, при чија подготовка се имплементирани меѓународни и европски практики, точно се утврдени видовите странски средства коишто Народната банка може да ги држи во составот на портфолијата на девизни резерви. Во согласност со овие законски одредби, криптосредствата не се дел од видовите средства во коишто може да се пласираат девизните резерви. Следствено, Народна банка не купува и не планира да купува криптосредства. Криптосредствата не претставуваат законско средство за плаќање во нашата држава, односно не е дозволено да се плаќа со криптосредства во Македонија, потенцираат од Народна банка

Кога во 2009 година се појави биткоинот како виртуелна валута, никој не веруваше дека денес еден биткоин ќе вреди неверојатни 1.753.545 денари, а уште помалку луѓето веруваа дека и македонските граѓани ќе бидат во потрага по оваа криптовалута. Денес, десетина години подоцна, луѓето, или барем оние што имаат повеќе финансии и можат да си ја дозволат интернет-потрагата по биткоини, претставуваат товар на државите од аспект на потрошувачката на електрична енергија. Ништо поинаква не е сликата ниту во Македонија. Интересот за биткоини расте и во земјава, а надлежните од ЕВН „Македонија“, мака мачат со кражбата на електрична енергија што ископувачите на биткоини ја реализираат, бидејќи легалното ископување чини вистинско богатство.

ШТО ЗНАЧИ КОПАЊЕТО БИТКОИНИ

Иако терминот копање или ископување значи да се земе лопата во раце и да се копа и прекопува земја, во виртуелниот свет тоа и не функционира баш така.
За да се дојде до биткоини, мора да се има посебни компјутерски уреди познати како „ригови“, кои во онлајн светот го вршат ископувањето, односно пребарувањето на оваа криптовалута. Тие, всушност, решаваат голем број алгоритми за да дојдат до криптовалутата.

Според познавачите, токму ископувањето на биткоините е она што на оваа илегална виртуелна валута ѝ ја дава вредноста.
Оној што има пари, може да си купи биткоин, но многумина повеќе ја сакаат опцијата копање, бидејќи токму копањето им ја дава вредноста. За да се ископа биткоин, потребно е да се има посебна компјутерска машина што го прави тоа самостојно. Потребно ѝ е да е поврзана со интернет и, секако, струја. „Риговите“, кои во земјава се продаваат по цени почнувајќи од 300 евра па нагоре, трошат огромно количества струја.

Според едно истражување направено од научниците во „Кембриџ“, ископувањето биткоини троши 121 терават-часа електрична енергија годишно, што всушност претставува количество струја доволно за 700 години работа на универзитетот.
Според познавачите, копањето биткоини сѐ повеќе се засилува во светот. Сѐ повеќе граѓани сакаат да се стекнат со оваа криптовалута и да се збогатат.
– Бидејќи за копање се потребни моќни компјутерски процесори, како и напредни графички картички наменети за компјутерски гејминг, сѐ повеќе се троши електрична енергија од расположливите ресурси. Исланд наскоро ќе стане првата земја што повеќе троши струја за дигитално копање криптовалути, со што таа е една од земјите што претставува предизвик за производителите на електрична енергија. Според информациите, годинава граѓаните на Исланд ќе потрошат 840 гигават-часа електрична енергија, додека домаќинствата 700 – вели Зоран Богоевски, програмер.

МАКЕДОНЦИТЕ САКААТ
ДА СЕ ЗБОГАТАТ КРАДЕЈЌИ СТРУЈА

Неконтролираното трошење електрична енергија за копање биткоини, секако, претставува ризик за напојувањето не само на државава туку и во целиот свет, бидејќи овој начин на потрошувачка многу лесно и брзо може да ги потроши природните ресурси со кои голем број држави произведуваат електрична енергија.

Од овој тренд на ископување криптовалути, а најмногу биткоини не изостануваат ниту Македонците, бидејќи ЕВН „Македонија“ веќе уловила неколку диви приклучоци на струја, наменети токму за ископување, кои ги забележале поради огромната потрошувачка и честите дефекти на мрежата.
– Откривањето на копачите на криптовалути најчесто е проследено со појава на чести дефекти на местата каде што се инсталираат компјутери за таа намена, се лоцираат и преку систем за анализа на потрошувачката, како и со контроли на напојни точки каде што енормно се зголемува потрошувачката, а истата таа не може да се фактурира поради заобиколување на броилата и диво приклучување од страна на копачите. Доста често имаме пријави и од самите корисници, кои бараат одредени објекти да бидат целосно исклучени од нисконапонските мрежи, бидејки го загрозуваат нивното снабдување со електрична енергија – велат од компанијата.

Оттаму додаваат дека вакви дојави и расправии кај самите потрошувачи е забележана и на социјалните мрежи, каде што се посочуваат поединци и се бара интервенција од надлежни служби да се проверат и отстранат компјутерите што копаат, а кои прават штета на дистрибутивната мрежа и на снабдувањето со електрична енергија.
– Имаме дојави дека копачите на биткоини ги сместуваат компјутерите и во напуштени селски куќи каде што сметаат дека потешко ќе бидат откриени и нема да ја нарушат стабилноста во снабдувањето во соседството. Имаме сознанија за активно копање биткоини во повеќе градови и селски општини, претежно во Скопје, Тетово, Велес, но и во други градови. Најновите забележани случаи се во реонот на селото Љуботен, Општина Арачиново, населбата Сингелиќ, улицата Дижонска во Чаир, улицата Јајце во Гази Баба итн. Немаме направено детална процена за штетите, но последиците од нелегално користење струја за копање биткоини се огромни и штетни, како за компанијата така и за корисниците, на кои им се нарушува нормалното снабдување, а и во екстремни случаи може да настанат и пожари поради претовар. Не би имало проблем доколку таквата потрошувачка е соодветна на мерното место каде што мрежата што е дизајнирана за потребите на тоа корисничко место може да го поднесе зголемениот товар и ако корисникот уредно ја плаќа потрошената електрична енергија. Но, најчесто, мрежата не е дизајнира за новосоздадената потрошувачка на струја поради голем број компјутери за копање криптовалути, а поединци се приклучуваат на диво за да ги избегнат големите трошоци за нивниот нов бизнис. Тоа предизвикува и многу дефекти и го загрозува напојувањето на корисниците од истата напојна точка. Сите откриени нелегални приклучоци се процесираат со соодветен записник и се преземаат правни мерки во согласност со регулативите – велат од ЕВН „Македонија“.

КРИПТОВАЛУТИТЕ СЕ
НЕЛЕГАЛНИ ВО ЗЕМЈАВА

Од Народната банка велат дека криптосредствата немаат конкретна појава во каков било физички облик, вклучувајќи и како книжни или ковани пари. Тие се во дигитален формат и во моментот кога ќе се стекнете со криптосредства, тие се сместени во т.н. дигитален паричник на вашиот компјутер, лаптоп, надворешен мемориски уред и/или паметен телефон и лесно се пренесуваат преку интернет.
– Криптосредствата не претставуваат законско средство за плаќање во нашата држава, односно не е дозволено да се плаќа со криптосредства. Во согласност со постојната регулатива, плаќањата можат да се вршат во домашната валута – денарот. Безготовинските плаќања во земјава се вршат во денари преку трансакциска сметка на учесниците во платниот промет во земјата – велат оттаму.

Од НБРМ додаваат и дека имајќи го предвид карактерот на криптосредствата и ризиците поврзани со нив, Народната банка со голема внимателност ги следи ставовите на надлежните европски институции, со цел да ги следи и да ги има предвид трендовите и најновите сознанија.
– Во Законот за Народната банка, при чија подготовка се имплементирани меѓународни и европски практики, точно се утврдени видовите странски средства коишто Народната банка може да ги држи во составот на портфолијата на девизни резерви. Во согласност со овие законски одредби, криптосредствата не се дел од видовите средства во коишто може да се пласираат девизните резерви. Следствено, Народна банка не купува и не планира да купува криптосредства. Криптосредствата не претставуваат законско средство за плаќање во нашата држава, односно не е дозволено да се плаќа со криптосредства во Македонија – потенцираат од Народна банка.

КРИПТОВАЛУТИТЕ СЕ КОРИСТАТ
ЗА НЕЛЕГАЛНИ ТРАНСАКЦИИ

Најголемите ризици што произлегуваат од користењето на криптовалутите е токму финансирање на нелегалните црни бизниси на криминалните организации.
Биткоинот, но и другите криптовалути, лесно можат да се користат за перење пари, финансирање терористички организации, наркоорганизации, трговија со луѓе и слично.

Тргувањето со криптовалути е најголемиот нерегулиран пазар во светот. Се проценува дека четвртина од корисниците на биткоини се инволвирани во нелегални активности, односно околу 76 билиони илегални активности годишно се реализирани со биткоини.