Полицијата за еден месец казнила над 16.000 возачи во Македонија за разни прекршоци, соопшти МВР.

– Се санкционираат сите сообраќајни прекршоци, а особено оние кои што се најчеста причина за сообраќајни незгоди со тешки последици. До сега за околу еден месец откако започнаа засилените сообраќајни контроли изречени се над 16.000 санкции – рече портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Министерството за внатрешни работи покрај во Скопје спроведува засилени акциски контроли за санкционирање на непочитувањето на сообраќајните правила и прописи и во другите градови, меѓу кои и Кавадарци.

Портпаролот на МВР апелираше до граѓаните на Кавадарци да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.

– Само за еден час во денешната акциска контрола во Кавадарци се изречени над 80 санкции, пред се за нерегистрирани возила, возење без возачка дозвола и друго – соопшти Ангеловски, кој потенцира дека акциските контроли продолжуваат и во наредните денови, а целосните податоци од денешната засилена акциска контрола во Кавадарци ќе бидат презентирани утре.