Министерството за внатрешни работи во изминативе денови спроведува засилени акциски контроли на патиштата од Гевгелија до Скопје и од Куманово до Охрид, а вчера, 27 март, казнети се 325 возачи за брзо возење, соопшти денеска портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

– На територијата на СВР Тетово полициските службеници санкционирале 194 возачи, од страна на Мобилната единица за безбедност во сообраќајот при Министерството за внатрешни работи се изречени 47 мерки, а останатите се од страна на полициски службеници од СВР Охрид, СВР Куманово и СВР Скопје – соопшти Ангеловски.

38 возачи возеле со дури 70 километри на час над дозволената бризна, а 146 со брзина од над 50 километри на час над дозволеното.

– Засилените контроли продолжуваат и денеска и во наредните денови, а евидентно е дека имаме намалување на бројот на сообраќајни незгоди во периодот кога овие контроли се спроведуваат. Како резултат на преземените мерки, намален е бројот на жртви во сообраќајни незгоди, 2020 година е година со најмал број на жртви -125 – рече Ангеловски.

Тој најави продолжување на засилените контроли и апелираше до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот.