Управата за извршување на санкции информира дека осудено лице било пронајдено починато во својата ќелија вчера во утринските часови во КПУ Затвор Куманово со Отворено одделение во Крива Паланка.

При редовната утринска проверка, дежурниот командир и помлад надзорник од затворската полиција, на првиот кат во собата каде престојувало осуденото лице Л.Б., го пронашле без знаци на живот во неговиот кревет.

Од Управата велат дека итно била повикана брзата помош која не можела да стори ништо бидејќи лицето веќе било починато, а констатирано е дека немало траги на насилство.

– Важно е да се напомене дека по прегледувањето на снимките од камерите во затвореното одделение, констиатирано е дека во текот на ноќта никој не влегувал во неговата соба, т.е. не престојувале други осудени лица со него во истата соба – велат од Управата.

Додаваат дека од страна на затворската полиција и осудените, не било забележано ништо невообичаено во текот на ноќта.

Оттука нагласуваат дека по добивањето на обдукцискиот извештај ќе имаат повеќе информации околу причините за смртта.