Фото: Илустрација/Зоран Антоски

Кампањата што во изминативе три седмици ја спроведува МВР на засилени акциски контроли, денес продолжи и во Кичево, каде во 70 случаи се констатирани прекршоци на возачи од пребрзо возење, немање возачка дозвола, нерегистрирани возила и други.

За успешноста на оваа акција прес конференција одржа помошникот на министерот за односи со јавност, Тони Ангеловски. 

– Министерството за внатрешни работи продолжува со акциски контроли во сообраќајот. Денеска сме во Кичево каде се изречени 70 санкции, најмногу за нерегистрирани возила, за возење без возачка дозвола и други прекршоци. Овие засилени акциски контроли се одржуваат на целата територија на државата. Во изминатите три седмици колку што траат акциските контроли, имаме изречено 12.000 санкции и со овие акции продолжуваме и во наредните денови, се со цел да се подобри безбедноста во сообраќајот. Апелирам до граѓаните на Кичево како и до сите граѓани да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за поголема безбедност на сите нас. Акциите кои ги спроведуваме ги поздравуваат граѓаните, а тоа го потврдуваат и коментарите на социјалните мрежи. Граѓаните бараат и во нивните градови да спроведеме акциски контроли, за да се воспостави ред, и на тој начин заеднички да ја намалиме бројката на она што е најмалку посакувано, а тоа се жртвите во сообраќајот – истакна меѓу другото Ангеловски.

Тој додаде дека целта на МВР не е казнувањето на граѓаните, туку подигање на свеста дека мора да се почитуваат сообраќајните правила. З.А.

Фото: Зоран Антоски