Запленетиот глисер во Охрид, е во сопственост на второосомничениот во случајот „Рекет“, Зоран Милевски познат како Зоки Кичеец, потврдуваат од Јавното обвинителство.

Заплената била направена по барање на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, а неофицијално, одземени се и автомобили.

Обвинителството не открива дали се спроведува заплена на имот во сопственост на осомничените и на други локации.

Според извори во истрагата, биле вршени претреси во повеќе објекти чиј сопственик е Зоки Кичеец, а се наоѓаат во општините Дебарца и Охрид.

На Кичеец во вторникот му беше одреден 30-дневен притвор откако Обвинителството за организиран криминал поведе истрага против него и против неформалниот сопственик на 1ТВ, Бојан Јовановски – Боки 13 за примање награда за противзаконито влијание.

Според предистрагата, во периодот од април 2018 до април 2019 година тие барале рекет од бизнисмен, за преку извесен јавен обвинител на кој не му беше соопштен идентитетот, да биде олеснета постапката што се води против него. Од бизнисменот биле барани осум милиони евра, а добиле 1,5 милиони евра.