Премиерот Зоран Заев изјави дека ќе ја почитува секоја одлука што ќе ја донесе судот за случајот „Поткуп“ во кој тој е обвинет.

 – Среќен сум што преку транспарентноста на овој процес јавноста конечно ја дозна вистината. Задоволен сум што заедно со моите адвокати добив фер и законско право да ја изложам одбраната и да ја докажам мојата невиност. Согласно тоа ќе ја почитувам секоја судска одлука, каква и да биде – рече Заев по завршувањето на денешното рочиште за „Поткуп“.

Преквалификувањето на делото во „Поткуп“, како што рече Заев, е најмалку што можеше да го направи Обвинителството за да се сочува неговата чест во тоа време.

Судијата Дарко Тодоровски пресудата за „Поткуп“ ќе ја соопшти во понеделник во 12 часот.

–  Случајот „Поткуп“ докажува дека институциите на мојата земја од политички причини на незаконски начин биле злоупотребени со единствена цел да ме спречат или дискредитираат во објавувањето на политичките бомби – истакна Заев.

Адвокатот Филип Медарски во завршните зборови од Судот побара ПИ мерките со видео снимката од градоначалникот кабинет во Струмица и телефонските разговори повеќе да не важат.

Одбраната предложи доказите со ПИ мерките да се издвојат од списите на предметот и да не се ценат при донесувањето на судската одлука, поради тоа што, за ова кривично дело како што е преквалификувано не се предвидени и не можат да бидат определи ПИ мерки, па на нив не може да биде заснована судска одлука.

Откако обвинителката Валентина Беслимовска направи измена на обвинението од „примање“ во „барање“ поткуп повеќе не е потребно во предметот да постапува петчлен судечки совет.

Петчлен совет од судии и судии поротници постапува само во предмети каде е предвидена затворска казна подолга од пет години, како што е случајот со примање поткуп, за што е предвидена казна затвор од четири до 10 години.

Според законот за барање поткуп предвидена е затворска казна од една до пет години.

Поради тоа, судија Дарко Тодоровски им се заблагодари на судијата Добрила Кацарска и на тројцата судии поротници, и продолжи сам да го води судењето.