Фото: Игор Бансколиев

Премиерот Зоран Заев најави дека во текот на денот или најдоцна утре ќе даде свој коментар за објавениот извештај од вештачењето за пожарот во модуларната болница во Тетово.

– Навистина првпат слушам дека извештајот е објавен, веројатно веќе сме биле на прес-конфернција кога тоа е објавено. Дозволете да го прочитам извештајот, да го видам со сè што е објавено, за да можам да ги дадам своите реакции и веднаш во текот на денот или најдоцна утре ќе дадам свој коментар за ова – изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања.

Во врска со понудените оставки од министерот и заменик-министерот за здравство, Заев рече дека веднаш, откако ќе ги осознае сите информации за тоа што е објавено во извештајот, ќе го каже и својот став за оставките.

Тој исто така им се заблагодари на институциите што ги објавуваат извештаите, бидејќи, како што рече, граѓаните ги чекаат.

Претходно обвинотелството го објави извештајот за причините за пожарот во модуларната болница, во кој животот го загубија 14 луѓе.

Со вештачењето е утврдено дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.