Центрите за социјална помош беа злоупотребени. Тие шетаа со списоци од примателите на социјална помош и им се закануваа дека социјалната помош ќе им биде прекината дека доколку не гласат за партијата на власт, сведочеше ​премиерот Зоран Заев за случајот „Титаник”, на денешното рочиште во Основниот кривичен суд во Скопје.

Тој додаде и дека Шумската полиција правела притисок на луѓето кои имаале договори за сеча, дека тие ќе им бидат укинати, доколку не гласат за ВМРО-ДПМНЕ. Заев посочи и дека УЈП, Пазарна инспекција, Финансиска полиција и други институции вршеле притисок врз правните субјекти за да докажат дека гласале за ВМРО-ДПМНЕ. Заев потенцираше дека реакциите на опоцизицијата се достапни на интернет, како и дека за сите забелешки го инфомирал тогашниот премиер Никола Груевски, кој е обвинет во „Титаник“.

Заев рече и дека во тоа време доставиле околу 150 пријави до надлежните институции, но според него никој не постапил по однос на нив, одговарајќи на прашањето на адвокатот на одбраната дали ги пријавил наведените случаи. Во 2014 година беа одржани предвремени парламентарни избори и избори за претседател на државата.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, во „Титаник“ се обвинети и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.