Премиерот се огласи за аферата со пасошите

Не може да се обвинуваат премиерот и министерот за внатрешни работи или слично бидејќи спровеле успешни акции. Вака премиерот Зоран Заев одговори на повиците за одговорност кои доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ, поради лажните пасоши издавани на меѓународни криминалци. Заев тврди дека знае со кои политичари се среќавал Седат Пекер, кој е еден од криминалците кој добил македонски пасош со лажен идентитет, но не гледа вина за тоа.

– Кога некој открива, осознава и активно процесуира криминал, тој треба да се награди а не да одговара. И тоа се вредностите секаде во светот, така и кај нас. Како што рече и Спасовски, оваа е неколку месечна акција која се работи со меѓународни партнери, за да се спречат ваквите постапки и да се казнат. Луѓето кои се извадени пред суд, се откриени. Дале преку 214 државјанства, со измислени матични броеви преку граѓанин од дома. Сето тоа што се случувало низ годините, децениите, на крајот има успешна завршница да не се повтори никогаш повеќе, а тоа е успешна акција на МВР – рече Заев.

Премиерот кажа дека Седат Пекер, кој се барал за сторен криминал во Турција, бил избркан од Македонија. ВМРО-ДПМНЕ објави дека тој во Македонија го имал идентитетот Џадин Амедовски.

– А дека некој се обидувал да кокетира со некои политички субјекти, во целиот овој период, веројатно да се спаси или да направи политичка тема, ние нема да дозволиме. Господинот кој што го споменавте е еден од тие кои добиле таков пасош. Тој е осомничен за одредени дела во Турција. МВР направи екстрадиција, го избрка од државата. Тој што работел на фалсификат документи, нелегално издавање на пасош, е дел од самата постапка која е процесуирана. Дали се гледале коалициони партнери, луѓе од мојата партија – не може да се знае дали некој работел на нелегални пасоши и слично, па не гледам никаква вина од тоа. Запознаен кои од колегите, партнерите партии, имале средба на негово барање, но апсолутно не може никој да каже дека тие имаат вина поради тоа, бидејќи ако некој побара средба, треба да имаат средба – додаде Заев.