Судот соопшти дека ќе ја провери околноста каде се наоѓа одземениот мобилен од Бојан Јовановски и дали во МВР е зачувана форензичка копија од податоците од телефонот чие доставување ќе побара, во однос на предложените докази од одбраната на денешното рочиште за предметот „Меѓународен сојуз“.

Обвинителството реагираше во однос на предложените докази и побара од Судот да не се изведуваат материјални докази кои веќе биле изведени, додека одбраната укажа оти бара да биде изведена целосната содржина на договорите, за кои претходно реагирала дека биле прочитани само насловите.

Одбраната за следното рочиште треба да ги обезбеди останатите предложени писмени докази, а како сведоци ќе бидат повикани и Нина Старделова, Стефан Богоев и Наташа Петровска. Прифатен е и предлогот на одбраната како сведоци на некое од следните рочишта да бидат повикани и сослушани и Зоран Заев, Александар Кирацовски, Мила Царовска, Горан Сугаревски и Сефер Цановски.

За случајот со невладината организација Меѓународниот сојуз, основана од Јовановски, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени, за наводни центри за возрасни лица, обвинети се и Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ.

Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски, како потпретседателка на невладината организација е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се товари за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација.
Судењето за невладината организација „Меѓународен сојуз” продолжува на 19 мај.  Случајот што се наоѓа во доказна постапка го води судијката Софче Гаврилова Ефремовска, а Ивана Трајчевска застапник на обвинението.