Испратена е пораката дека системот функционира. Треба да знаат граѓаните дека сме на добар пат во јакнењето на правниот систем, рече премиерот Зоран Заев во врска со случајот со Сашо Мијалков, првообвинет во случајот „Таргет-Тврдина“, на седницата за пратенички прашања во парламентот.
– Тоа што секој сегмент на нашето општетсво, а тоа е извршната власт, преку министерствата за внатрешни работи и за правда, судската власт преку судовите и Обвинителството преку самите обвинители, го завршија својот дел од работата за да нема каде да се крие, да бега, да калкулира, обвинето лице што е пред изрекување казна затвор, а тоа е Сашко Мијалков, и се појави во Обвинителството, се предаде – рече премиерот Заев.

Целиот овој амбиент вчера, додаде тој, ја испрати пораката дека системот може да биде ставен во функција почитувајќи ги законите.

Тој рече дека само со владеење на правото може да се спроведат реформите и во другите области со цел рамноправност со развиените земји.

– Граѓаните треба да знаат дека 11-годишниот режим има оставено траги на коруптивен и влијателен начин, а сепак има разрешници на вакви крупни случаи, кои се симбол на борбата против криминалот и корупцијата – рече Заев.

– Судиите се лицето на правдата. Ваквите процеси во ниедна земја не се едноставни, не се ни кај нас. Убеден сум дека мониторингот на нашиот народ и позитивниот притисок ќе придонесе да се забрзаат овие постапки. Обвинителите и судиите никому ништо не должат. Треба да ги зголемат ефикасноста, транспаретноста, делењето на правдата еднакво за сите за да имаме реформирано правосудство како трајна придобивка – рече Заев.