Скопје, 12 април 2018 (МИА) – По завршувањето на денешното рочиште за предметот „Поткуп“, во кое е обвинет за земање поткуп, премиерот Зоран Заев изјави дека денеска се почнало со слушање на разговорите од ПИ мерките, поврзани со предметот, а во која јавноста е исклучена.

– Продолжуваме в понеделник. Најавено е дека тоа ќе трае се додека не се заврши слушањето на сите разговори, додека не се преслушаат. А подоцна ќе продолжи со останатата доказна постапка – изјави премиерот.

На новинарско прашање каква е неговата првична оценка од она што го слушнал и како ги коментира снимките, Заев рече дека во нив апсолутно нема никакви докази.

– Тоа се редовни комуникации на тогашен градоначалник со осомниченото лице и сите други лица, како што се директори на институции, граѓани кои се јавуваат кај тогашниот градоначалник Заев. Продолжуваме во тој дел. Апсолутно ниту обвинителството алудираше на разговорите, алудираше на сведокот. Со сведокот бевте сведоци и со вашето присуство, а преку вас и јавноста. Така јас очекувам да привршува овој предмет и секако судската пресуда, конечно, ќе ја почитуваме каква и да биде – рече Заев.

На новинарско прашања дали дознал колку време бил следен, Заев рече дека вкупно со ПИ мерките е нешто повеќе од две години, а знам истовремено, како што рече, дека можат согласно закон ако се работи дури за тероризам или загрозување на уставниот дел на државата, стабилноста и суверенитетот да биде најмногу до една година и три месеци. Но, секако, дополни, тоа го оставам на правосудните истанци да одлучуваат во делот на следењето.

– Јас немам ништо што ме плаши во делот на разговорите и апсолутно немам никаква дилема. Нека се слушаат сите разговори, важно ми е правно формалната постапка да биде следена пред се од моите адвокати за да може секако да ги добијам сите загарантирани права согласно Устав и закон. Органите како што е Јавното обвинителство и Судот да си ги носат одлуките исто така согласно закон – посочи премиерот Заев.

Премиерот Заев рече дека ги нема изброено сите разговори, но додаде оти знае дека се работи за преку 10 илјади разговори, дел се со ПИ мерки, а дел се без ПИ мерки, а за точниот број одговор може да даде СЈО.