Изложеноста на луѓето на десет микрограми 2,5 ПМ честички на кубен метар е поврзано со зголемување на насилното однесување за 1,4 процент / Фото: Игор Бансколиев

Научниците откриле дека 56 проценти од насилното однесување на луѓето и 60 проценти од насилствата се случиле во домашни услови, а како една од причините за тоа се наведува загадениот воздух

СПОРЕД ИСТРАЖУВАЊЕ НА ДРЖАВНИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ВО КОЛОРАДО

Општо познато е дека дишењето загаден воздух може да биде штетно за човековото здравје. Но дишењето загаден воздух може да ги направи луѓето агресивни. Ова е заклучокот од низата студии направени минатата година од научниците на Државниот универзитет на Колорадо. Тимот експерти утврдиле силна поврзаност помеѓу краткотрајното изложување на загаден воздух и агресивното однесување, што кај луѓето се манифестирало со искажување навреди, но и реализирање насилен криминал низ Соединетите Американски Држави.
Истражувачите вкрстено анализирале многу детални збирки на податоци, меѓу кои е и дневната криминална активност, која ја следеле преку националниот систем за пријавување инциденти, управуван од Федералното биро за истраги; следење на дневното загадување од 2006 до 2013 година од системот на Американската агенција за заштита од загадување и користење податоци на дневна основа за шумски пожари од системот за следење на атмосферата.

Загадувањето вообичаено се мери преку концентрациите на ПМ 2,5 во озонот.
Дури 83 проценти од насилните однесувања што се случиле се наоѓале во базата за криминално однесување на ФБИ. Во студијата е анализирано дали тие криминогени дејства се случиле во или надвор од домовите. Истражувачите откриле дека 56 проценти од насилното однесување и 60 проценти од насилствата се случиле во домашни услови, што е показател дека домашното насилство се зголемува во услови на загаден воздух.
Истражувањето покажува дека изложеноста на луѓето на десет микрограми 2,5 честички на кубен метар е поврзано со зголемување на насилното однесување за 1,4 процент. Научниците исто така откриле дека секојдневната изложеност на загаден воздух го зголемува домашното насилство за 1,15 проценти.
– Зборуваме за насилство што не мора да биде физичко.

Секогаш можете да малтретирате некого и со навредување – истакна еден од авторите на истражувањето, Јуда Бајхам. Тој истакна дека кога луѓето се изложени на поголемо загадување на воздухот стануваат поагресивни, па, така, доколку за некои работи биле толерантни во услови кога воздухот не бил загаден, кога се изложиле на загадување, нивото на толеранција им опаѓа.
Истражувачите ги зеле предвид и временските услови што би можеле да дадат објаснување за ваквото однесување на луѓето. Предвид ги зеле не само временските услови туку и топлотните бранови, нивото на влажност во воздухот, врнежите, но и многу други фактори.
Тим научници од Универзитетот во Минесота направиле слично истражување и нивните резултати не се разликуваат од овие на колегите од Универзитетот од Колорадо. Во нивното истражување користеле податоци од различни сектори и со различни статистички техники, но резултатите биле речиси идентични.

Ова истражување користело податоци поврзани со загадувањето на воздухот со поддршка од епидемиолозите, кои се обидувале да ги пронајдат врската и влијанието на загадениот воздух врз здравјето на луѓето. Загадувањето на воздухот било толку големо што кај еден од истражувачите предизвикувало чувство на фрустрација. Токму тоа и била причина за почнување ваков вид анализа.
Лидерот на истражувањето Џес Букхард истакна дека сакал да утврди дали дишењето загаден воздух влијае на однесувањето на луѓето. Моделот на загадување што го направиле научниците со точни и детални мерења на ПМ-честичките дале фасцинирачки, па дури и застрашувачки резултати.
– Кога има сѐ поголемо загадување на воздухот, специфичното криминално однесување расте, а тоа е домашното насилство – нагласи Џеф Пирс, еден од авторите на истражувањето.

Економистите што биле дел од истражувањето успеале да пресметаат дека со редуцирањето на ПМ 2,5 за десет проценти, би заштедиле 1,1 милион долари трошоци предизвикани од криминалот на годишно ниво, што всушност се трошоци предизвикани и настанати како последица од загадувањето на воздухот.
Веднаш по ова истражување, научниците почнале да се занимаваат со импликациите на загадениот воздух врз играчите на шах, што всушност ќе значи дека резултатите ќе покажат дали загадениот воздух влијае на бистрината на умот кај луѓето.

[email protected]