Обвинетиот Сашо Мијалков е во исчекување на судска одлука за предметот „Трезор“ во кој Обвинителството го товари за незаконска набавка на британска опрема за прислушување, тврдејќи дека поранешниот директор на УБК ја купил опремата од фирмата „Финзи ДООЕЛ-Скопје“, наместо од производителот „Гама интернешнл“ од Велика Британија. Обвинителот Артан Ајро во завршен збор ги поврза уделите на „Финзи“ со обвинетиот Мијалков, кој е осуден првостепено за масовното незаконско прислушување на 12 години затвор.

Покрај поранешниот директор на УБК, обвинети во „Трезор“ се и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, и поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски. Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.