Судиите од Кривичниот суд Огнен Ставрев и Осман Шабани, обвинителите од СЈО Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски и адвокати, денеска во присуство на јавноста извршија увид на возилото „опел омега“ кое е дел од доказниот материјал за случајот „Монструм“. Новото рочиште што е закажано за 19 октомври ќе продолжи со доказна постапка.

Крим техничар од МВР ја отвори „опел омегата“. Притоа беше констатирано дека тоа е истото возило кое е најдено два дена по петкратното убиство, бидејќи бројот на шасијата е ист. На задните седишта имаше две монети и празна торбичка.

Судијата Огнен Ставрев по увидот рече дека возилото од депото на Агенцијата за управување со одземен имот ќе биде однесено во МВР.

На вештачењето беа присутни и обвинети во случајот „Монструм“, како и адвокатите ангажирани во овој случај.

Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Фатон Асани, рече дека од МВР возилото во депото е донесено на 1 ноември 2012 година. Возилото било примено без регистарски таблички, а има налепница на задниот браник.

На претходните рочишта за „Монструм“ беше сослушан загрозен сведок, кој исказот го даде од друга просторија со мутиран глас и заматена слика.

Во своето сведочење, тој кажа дека на местото на настанот бил на 9, 10, 11 и 12 април, каде што го видел „голфот 3“ со затемнети стакла на повеќе различни локации, како и други две возила. Прашан дали вечерта бил на местото на настанот, сведокот кажа да, и потврди дека видел четири тела. Тој во судницата препозна неколкумина од обвинетите и ги опиша.

Одбраната изрази сомневање во вистинитоста на неговите искази, бидејќи како што реагираа загрозениот сведок е конфузен во одговорите. Посочуваат дека на истото негово сведоштво била базирана и претходната пресуда за „Монструм“ што беше укината на Врховен суд, а предметот вратен на повторно одлучување.

За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.