Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против 28-годишен жител на Желино за кого постои основано сомнение дека ограбил таксисти во Скопје на кои им се заканувал со нож дека ќе ги убие.

На 28 февруари, осомничениот и уште едно засега непознато лице влегле во такси возило на улицата „Димитрија Чуповски“ и побарале од таксистот да ги вози до хотел во близина на Скопски саем. Кога стигнале на булевар „Никола Карев“, во близина на клучката за Чаир, му кажале на таксистот да го запре возилото.

Осомничениот од задното седиште го фатил таксистот за јаката, го повлекол назад и му ставил нож под вратот, заканувајќи му се дека ќе го убие ако не им ги даде парите. Неговиот сопатник кој седел на совозачкото седиште за тоа време започнал да пребарува низ преградите на возилото, го пронашол паричникот на таксистот од каде зел 950 денари, а го украле и мобилниот телефон на таксистот вреден околу 6.000 денари. Потоа двајцата избегале.

На 4 март, на сличен начин, осомничениот запрел такси возило на улицата „Џон Кенеди“, се качил во автомобилот и побарал да биде одвезен до еден хотел. Пристигнувајќи во близина на наведената локација, повторно со нож му се заканил на таксистот и украл 1.500 денари и мобилен телефон вреден околу 8.500 денари.

Поради опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците и оштетените и веројатност тој да го повтори делото, јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.