Фото: Фејсбук/ Пехчево ДЕНЕС

Мештаните од селата Умлена и Робово во Пехчевско се загрозени од пожарот кој цела ноќ гореше во нивна близина. Ситуацијата е сериозна кај Умлена, каде што пожарот е активен и покрај големите напори за негово гаснење во текот на измината ноќ, како што објавија повеќе медиуми, повикувајќи се на изјава на жител на Робово.

– Голем број од мештаните синоќа беа на првата линија, заедно со армијата, и од утрово помагаа. Да се надеваме дека ситуацијата денес ќе биде подобра – истакна жителот на Робово.

Тим од 25 пожарникари испратени од Бугарија вчера се вклучи во гаснењето на огнот. Тие дејствуваат во Пехчевско каде што пружаат помош и утринава. Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, утринава соопшти дека три српски и еден хеликоптер на АРМ се на пат кон опожареното подрачје.

Според последните информации, вториот пожар во делчевското село Нов Истевник е под контрола, откако во неговото гаснење беа ангажирани две возила и 40 луѓе кои дежураа во текот на ноќта.