Според официјалната статистика на Министерството за внатрешни работи, најчести сторители на семејно насилство се мажите. Во 2017 година, како насилници се покажале вкупно 838 мажи

Според Светската здравствена организација, секоја година повеќе од 1,6 милион лица во светот умираат како последица на применето насилство врз нив. Насилството е помеѓу водечките причини за смрт кај луѓето на возраст од 15 до 44 години. Освен смртни последици, многу повеќе лица добиваат сериозни физички повреди, страдаат од сексуална злоупотреба или имаат трајни последици по менталното здравје.
Не постои објаснување за тоа зошто некое лице се однесува насилно.
Интерперсонално насилство е секое насилство што го реализира едно лице или помала група. Во него спаѓаат насилствата помеѓу младите, помеѓу сопружниците, врз децата и постарите лица, силувањето и сексуалното малтретирање од непознати, како и насилството во училиштата, на работното место, во домовите за стари лица и во затворите. Се проценува дека во 2000 година, повеќе од 520 илјади лица биле убиени како резултат на овие видови насилство.

Податоците од Канцеларијата на национална статистика на Велика Британија покажуваат дека 80 жени биле убиени од актуелен или поранешен партнер помеѓу април 2018 и март 2019 година. Бројот на жени жртви расте за десет проценти на годишно ниво. Во 38 проценти од случаите причина за тоа е семејното насилство.
Во Соединетите Американски Држави, повеќе од 12 милиони мажи и жени се жртви на семејно насилство, според Линијата за помош при семејно насилство. Линијата за помош во 2017 година примила 323.356 повици за помош и СМС.

Жените како вонбрачни партнери и како сопруги се најчести жртви на семејно насилство во Македонија. Во 2017 година, убиените се најчесто жени, односно сопруги или мајки. Телесни повреди добиле 449 жени, но и мажи, односно 14 сопрузи и 235 сопруги. Четириесет и двајца синови добиле телесни повреди при семејно насилство од таткото или мајката, како и 21 ќерка. Бројката на повредени мајки во семејно насилство изнесува 48, додека на татковци изнесува 44 повредени. И поранешните сопруги се чести жртви на поранешните сопрузи, па, така, дури 25 поранешни сопруги добиле телесни повреди од поранешните мажи.

Тешки телесни повреди, пак, добиле 11 жени, една мајка и пет мажи. Во вонбрачните заедници, пак, две жени добиле тешки телесни повреди. Еден маж и три жени биле противправно лишени од слобода, покажуваат статистиките на Министерството за внатрешни работи на Македонија.
Кои се најчести извршители на семејното насилство во Македонија?
Според официјалната статистика на Министерството за внатрешни работи, најчести сторители на семејно насилство се мажите. Во 2017 година, вкупно 838 мажи извршиле некаков вид семејно насилство, наспроти 85 жени.

Од нив, 391 сопруг извршиле семејно насилство, наспроти 22 сопруги. И синовите се исто така извршители на семејно насилство, па, така, дури 161 син и десет ќерки биле реализатори на семејно насилство. Петнаесет мајки извршувале семејно насилство и дури 50 татковци.

Во Македонија, според податоците на ОБСЕ, за жал, само два отсто од жените пријавуваат семејно насилство. Според достапните податоци од извештајот на Хелсиншкиот комитет, во првите девет месеци од минатата година, во државава биле пријавени 709 кривични дела од областа на семејното насилство. Во нив дури 610 од жртвите биле жени.

Во 2019 година, во МВР имало 1.884 поплаки и 202 прекршочни пријави. Во 2018 година, во земјава шест жени биле убиени при семејно насилство, а лани две жени. Минатата година имало 14 силувани жени.

Според повеќето мислења, овие статистички податоци се далеку од реалните. Всушност, бројката на жени што трпат семејно насилство е многу повисока од официјалната. Истражувањето на ОБСЕ открива дека три од пет (60 отсто) жени сметаат дека насилството врз жените е вообичаено, а речиси три од десет сметаат дека тоа е многу честа појава.

[email protected]