Фото: Илустрација

Автомобил удри во жена на регионалниот пат Прилеп-Кичево, која почина по приемот во болница. Според информациите од полицијата, несреќата се случила синоќа на регионалниот пат Прилеп-Кичево, на место викано „Гранит“ кај селото Суводол-Македонски Брод.

– Патничко возило „фолксваген шаран“, со регистарски ознаки од Македонски Брод, управувано од С.П.(64) од Македонски Брод, удрило во Е.З.(31) од с.Брест-Македонски Брод. Во незгодата Е.З. се здобила со тешки телесни повреди, по што била пренесена во Општата болница Прилеп, каде од страна на лекар била констатирана смрт – соопшти МВР.

Извршен бил увид на местото на незгодата.


Автомобил управуван од малолетник се судри со мотор

Шестнаесетгодишно момче управувајќи автомобил се судри со мотор, пришто повредени се две лица. Сообраќајната несреќа се случи вчера на крстосницата од улицата „Македонско-косовска бригада“ и улицата „Втора македонска бригада“.

– Во сообраќајната незгода учествуваа патничко возило „форд фокус“, со скопски регистарски ознаки, управувано од 16-годишник од с.Блаце, скопско, и мотоцикл „лифан“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Р.Х.(23) од Скопје. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот од мотоциклот, Џ.Х.(23) од Скопје, а со телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Комплексот клиники Мајка Тереза – соопшти МВР.