Според податоците од Министерството за внатрешни работи, може да се заклучи дека целокупната состојба со корона-кризата се исплатеше за крадците на автомобили / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со 44 илјади проверки на моторни возила беа откриени 352 украдени возила и 1.077 украдени автоделови, украдени делови за тешки товарни возила и црни пазари каде што се продавале тие делови, кои, пак, ги одведоа надлежните до нови истраги против криминалните групи инволвирани во криминалот со возила

Бизнисот со украдени возила и автоделови, а потоа и нивната препродажба, носи огромни нелегално стекнати средства за криминалните групи. Меѓутоа, украдените возила не се користат само за препродавање туку и за реализација на други дополнителни кривични дела. Па, така, честопати во медиумите може да се прочита дека е извршен грабеж со украдено возило, а доста често со украдени возила се занимаваат и криминалните групи што работат со шверц или препродажба на дрога, бидејќи утврдувањето на сопственоста на возилото најчесто одзема време, кое за криминалците обезбедува доволно простор за бегање од правдата.

Откриени 352 украдени возила

Интернационална акција спроведена од Интерпол разби криминална мрежа што работела со украдени моторни возила во Европа, вклучувајќи и шверц на украдени возила, автомобилски делови и измама со документи.
Двонеделната акција, која се реализирала од 12 до 23 октомври, била реализирана како дел од Денот на заеднички активности.
Експертите од Единицата за украдени моторни возила на Интерпол развила центар за координација во Варшава, Полска, за да им помогне на полициските службеници во Европа да разменуваат податоци и информации за полесно и побрзо реализирање на акцијата. Интерпол и Европол заеднички ја поддржаа акцијата преку размена на нивните податоци.
Самата акција вклучи и засилени гранични контроли и зголемени контроли во шеснаесет земји од европскиот континент и пет земји од балканскиот регион.
Реализирани беа дури 44 илјади проверки на моторни возила. Со спроведувањето на тие проверки, беа откриени 352 украдени возила и 1.077 украдени автоделови, украдени делови за тешки товарни возила и црни пазари каде што се продавале тие делови, кои, пак, ги одведоа надлежните до нови истраги против криминалните групи инволвирани во криминалот со возила.
За време на акцијата беа откриени и фалсификувани и лажни документи за идентификација, а беа откриени и фалсификувани документи за возила.
Во Грција, полицијата откри 15 рентакар-возила што криминалците сакале да ги шверцуваат со лажни документи дека се изнајмени автомобили. Групата сакала да ги изнесе овие возила надвор од Европската Унија.

Барајќи украдени автомобили, откриени други форми на криминал

Акцијата, која првично беше реализирана заради откривање украдени возила и автоделови, при проверките на полицијата, придонесе и за откривање голем број други кривични дела. Па, така, при проверките, освен што беа откриени големи количества дрога, беа уапсени и осомничени криминалци што шверцувале дрога, а кои подолго време им биле познати на властите. Во Португалија беа уапсени шестмина што биле фатени со еден тон марихуана и десет килограми кокаин. Шпанската цивилна гарда откри 666 килограми хашиш и уапси 22 лица што работеле со шверцување дрога. Летонската полиција, пак, откри 400 илјади илегални цигари за време на операцијата.
За време на акцијата беа откриени и голем број случаи на шверцување мигранти, бидејќи при проверките беа откриени украдени возила, бродови и други превозни средства. Па, така, беа уапсени 17 осомничени лица за шверцување мигранти, најчесто во украдени бродови во Јадранско Море.

Акцијата помогна да се соберат круцијални информации и анализи што во иднина ќе помогнат за расчистување и полесно откривање на интернационално организирани криминални групи, вклучувајќи ги и оние што работат со шверц на дрога и мигранти.
Со помош на акцијата, зголемена е дата-базата на Интерпол, која за криминално работење со возила содржи 7,4 милиони податоци.
– Организираните криминални групи користат украдени возила за да остварат профит и да реализираат други дополнителни криминални активности, како што се шверцувањето дрога и мигранти – истакна Матијас Март од Единицата за украдени моторни возила на Интерпол.
Во акцијата учествувале голем број земји, меѓу кои и Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Грција, Црна Гора, Србија, Бугарија и Косово.

Каква е состојбата во Македонија

Според податоците од Министерството за внатрешни работи, може да се заклучи дека целокупната состојба со корона-кризата се исплатеше за крадците на автомобили.
– Во периодот од јануари со септември 2020 се регистрирани 171 кривичнo делo „одземање моторно возило“, за кои биле пријавени 80 сторители, додека во истиот период минатата година се регистрирани 104 кривични дела, за кои биле пријавени 98 сторители.
Дека тоа е навистина така говорат и податоците објавени во билтените на МВР.
На дваесетти минатиот месец, на граничниот премин Долно Блаце, на влез во Македонија, полицијата го уапси четириесет и шестгодишниот Г.Б. од Косово, поради тоа што неговото возило било барано од страна на Интерпол.
– При проверката било констатирано дека неговото возило „опел астра“, со косовски национални ознаки, се наоѓа во оперативна евиденција по барање на Интерпол Косово. Возилото е одземено и предадено за понатамошна постапка – се вели во полициските билтени.
Летово полицијата поднесе кривични пријави против две лица од Прилеп и едно од општината Долнени, откако успеале во неколку наврати од рудници да украдат теренски возила, алати и други машини.
Со украдени возила се превезуваат и мигрантите во земјава. Јавноста сѐ уште го памети случајот кога мигрант од Алжир се превезуваше во украдено моторно возило со кумановски регистарски таблички.

[email protected]