Емил Јакимовски, поранешен вработен во Централниот регистар, е осуден на една година и осум месеци затвор за загрозување на сигурноста на својата поранешна сопруга и за заканите упатени кон новинарката Мери Јордановска.

Пресудата денеска беше изречена во скопскиот Кривичен суд од страна на судијката Џенета Бегтовиќ. Обвинителството предложи, а судот прифати тој да остане во притвор до правосилноста на пресудата.

Јакимовски ќе треба да лежи во психијатриската установа во Бардовци додека лекарите не утврдат дека е во подобра здравствена состојба пред тој да биде вратен во затвор. Вештакот Александар Марцикиќ утврдил дека за Јакимовски е потребно задолжително лекување, бидејќи може да го повтори делото со оглед на тоа што страда од психичко нарушување.

Јакимовски беше уапсен на 17 јануари по пријавите за навреди и закани кон новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска.

Тој беше пријавуван дека ѝ се заканувал и на директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска-Јанковски, а закани му упатуваше и на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
Речиси сите рочишта од овој судски спор беа затворени за јавноста бидејќи се изнесуваа информации што се од приватниот домен на животот на обвинетиот и оштетените.