Бранителот на обвинетните во случајот „Тендери“, адвокатот Сашко Дукоски смета дека СЈО несериозно ја води постапката и потенцира дека во првата „бомба“ недостасува една секунда и за разлика од транскриптот го нема делот во кој директорот на Бетон Штип Илија Брезилски ја пцуе првообвинетата, поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска.

– Ова е вторпат што се случува истото, првпат беше со вештачењето по завршувањето на истрагата повторно се бараа докази да се доврши веќе завршеното вештачење. Денеска недостасуваа делови од телефонските разговори. Не сметам дека постои намера – изјави Дукоски по завршувањето на денешното рочиште во Кривичниот суд.

Тој потенцира дека доказите што беа изнесени во првата од „бомбите“ снимена на 14 јуни 2011 година нема, како што рече, „блага врска“ со конретниот кривично правен настан.

– Се зборува за анкес на договор кој е потпишан во мај 2011 година и се однесува за карабината на објектот кој го градела истата фирма која ги изведувала и завршните занаетчиски работи. Тој разговор нема никаква врска, а особено е интересен односот на првообвинетата кон главниот сведок на обвинителството. Ако се изнесувате на негативен начин за некого, не е логично да го фаворизирате да добие тендер. Тоа е невозможно – рече Дукоски.

Тој додаде дека за предметот на обвинението, односно постапката за завршните занаетчиски работи, нема анекси, туку само јавен повик, склучен договор и решение за избор на најповолен понудувач за кој се поминати сите законски рокови и никој не приговоарал.