Пожарот во Сарај е специфичен бидејќи откако ќе го изгаснеме продолжуваат да горат корењата на дрвјата, па на одредени места повторно избива пламен, истакна директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, на денешната прес-конференција, соопштувајќи го планот за справување со жариштето.

– Десет припадници на специјалната полициска единица заедно со француските експерти ги изгаснаа сите жешки точки кои беа видливи. По нивното симнување повторно забележавме чад и се разви пожар во една точка. За утре е договорено 30 припадници на специјалната единица со соодветна опрема, придружувани од француските експерти и четворица Французи кои работат со специјални дронови со термални камери што можат да откријат и оган кој гори под земја, да ги најдат жешките точки што не се видливи од хеликоптер – објасни Ангелов.

Моментно во ЦУК трае работен состанок на кој присуствуваат офицери за врска од европскиот механизам за заштита и француски експерти.

Во Сарај, на пожарот кај селата Раовиќ и Буковиќ, на планинската страна викана Осој, се дејствува со два хеликоптера на АРМ. Пожарот во село Дивље е локализиран. Активен е пожарот во Берово, каде што горат сува трева и нискостеблеста шума, и таму интервенираат шумската служба и противпожарни возила. Пожарот на градската депонија во Виница е локализиран, но се уште тлее, според информациите од ЦУК.