Заштита од вируси – да, но да не го забораваме превенирањето од користење наркотици

Предозирањето со некои видови дроги на годишно ниво одзема стотици илјади животи во светот. Ништо помалку не се опасни прекумерното пиење и пушење, кои, исто така, се причини за тешки болести и смрт

Предозирањето со опасни дроги е меѓу водечките причини за смрт во Соединетите Американски Држави. Статистиката покажува дека во оваа земја повеќе Американци умираат од предозирање отколку во сообраќајни несреќи. Состојбата не е ништо подобра ниту во преостанатиот дел од светот. Користењето дрога е една од сериозните причини за смрт речиси насекаде низ светот.

Американските научници од нивната медицинска асоцијација направиле истражување и анализа на најопасните и најсмртоносни дроги и опијати што се користат од зависниците. Во нив спаѓаат и алкохоличарите и иако алкохолот не е дрога, сепак високо котира кога станува збор за многубројните опасности што произлегуваат од прекумерното консумирање. И никотинот може да се вброи во опасни дроги. На годишно ниво одзема стотици илјади животи, а сепак во многу држави истиот тој не е забранет за консумирање.

Од неконтролирана употреба на дроги умираат илјадници зависници. Така е, на пример, со хероинот, синтетичка дрога што предизвикува невидени размери на зависност. Во 2016 година, во Соединетите Американски Држави, од користењето хероин починале околу 16 илјади лица. Од предозирање со хероин може да се добијат фебрилни конвулзии, кома и смрт.

Кокаинот е застапен на црниот пазар уште од 1970-тите години. Белата прашкеста материја е причина за смрт на повеќе од 20 илјади лица во САД за четири години. Со користење кокаин се ослободува допамин во мозокот, давајќи чувство на еуфорија и безгрижност. Може да предизвика голем број здравствени проблеми како што се мозочни удари, задушување, а зависниците страдаат од параноја, екстремно губење на тежината, анксиозност и депресија. Кокаинот му прави непоправлива штета на организмот. Предизвикува и емоционална зависност, поради чувството на еуфорија, па дополнително предизвикува целосен шок и стрес за организмот. Зависниците тешко се откажуваат од чувството на недопирливост, невидливост и бестрашност, па затоа тој што еднаш пробал кокаин, со текот на времето бара уште поголема доза што еден ден може да доведе до смрт.

Иако се користи за одвикнување од зависности, метадонот е уште една од низата синтетички опасни дроги, кои лесно создаваат зависност. Првпат бил користен за време на Втората светска војна, за третирање екстремни болки, поради тоа што во составот на оваа дрога има и морфиум. Првично се користел за третирање зависности од опијати, како што е хероинот. Наркозависниците, кои со помош на метадонот се одвикнуваат од хероин, лесно можат да развијат зависност од него, па да преминат на негово злоупотребување и користење за повторно да заминат во еден целосно поинаков свет. Достапен е како таблети, течност или инјекција и има седативно дејство на телото и мозокот. Злоупотребата на метадонот носи голем број негативни последици, како што се грчеви, потење, чешање и малаксаност, а доста често и висок крвен притисок и губење на разумноста.

Употребувајќи го како средство против болки, морфиумот, иако се користи во медицината, доста често е опасен затоа што лесно создава зависност кај корисниците. Зависниците го инјектираат, го шмркаат со носот или, пак, го пушат. Има еуфорично дејство, па затоа е лесно да се стане зависник од него.

Само во 2016 година, од злоупотреба на морфиум во САД починале повеќе од пет илјади лица. Опасен е за човековиот организам кога не се користи во соодветни дози и како терапија.

Метамфетамините се познати стимуланси и се многу популарни кај младите. Изгледаат како кристал, а лесно создаваат зависност. Неговото користење создава трајни последици кај зависниците. Експресно губење тежина, распаѓање на забите се само мал дел од негативните последици. Корисниците на метамфетамини го чувствуваат неговото дејство со денови. Лесно се произведува од кој било материјал, па затоа е и толку достапен на улиците. Токму затоа инфекциите на кожата и смртта се најчестите последици од користењето на оваа дрога.


И алкохолот и цигарите се дрога

Тоа што алкохолот и цигарите се лесно достапни на пазарот и може да се купат насекаде, не значи дека се безбедни за користење, штетни се по човековото здравје. Иако последиците од алкохолот и цигарите не се толку брзи и трагични како кај другите потешки дроги, сепак тие оставаат трајни и непоправливи последици врз мозокот и човековиот организам.
Алкохолот и претераното опијанување се причина за повеќе од 88 илјади починати лица во САД. Прекумерното пиење може да доведе до оштетување на мозокот, бубрезите, црниот дроб, канцер, намалена меморија, па и делириум.
Според Центарот за контрола на болести на Америка, никотинот е еден од најопасните опијати во светот. Одговорен е за повеќе од 480 илјади умирања на годишно ниво. Пушењето ги уништува виталните органи, најчесто белите дробови и грлото, тоа е причина за 90 проценти умирања од рак на белите дробови и тоа повеќе кај жените отколку кај мажите. Откажувањето од оваа зависност е тешка, но не и невозможна. Сепак, бара огромна волја и труд од самите зависници.