Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал поднесе обвинение против поранешниот секретар во Министерството за информатичко општество и администрација и уште едно лице за земање мито за местење тендери за користење средства од ИПА фондови. Тие проневериле над 1,7 милион евра, кои државата сега треба да ѝ ги врати на Европската комисија.

Во истрагата од меѓународни рамки биле вклучени и меѓународните организации ОЛАФ и ЕУРОПРАВДА.

– Во периодот од месец октомври 2012 година до април 2017 година, првообвинетиот Ј.Ј. (48) како службено лице – именуван функционер и претседател на Управувачки комитет на проект, заедно и по претходен договор со второобвинетата Ј.Г. (53) – раководен државен службеник и член на Управувачкиот комитет, со намера да прибават противправна имотна корист за себе и за едно правно лице од Р.Италија, постапиле спротивно на нивните службени обврски и ги искористиле своите службени положби и овластувања – се наведува во соопштението од Обвинителството.

Обвинетите споделувале доверливи тендерски информации за условите за работење и „ТОР“ (Terms of references) за два ИПА проекти што се спроведувале во две министерства. Правното лице од Италија ги искористило неовластено споделените информации и изготвило понуда адаптирана на потребите и ги исполнило сите технички и финансиски услови. Воедно, обвинетата Ј.Г. во претходен договор со обвинетиот Ј.Ј. за едниот проект помогнала при изготвувањето на финансиската понуда на правното лице – апликант и ја прилагодила согласно на условите кои биле објавени во тендерот. Со ваквите дејствија обвинетите му овозможиле на правното лице да има незаконита правна предност во однос на другите апликанти на тендерите и истото да биде избрано за изведувач на проектите.

Како награда за поддршката, пишува во соопштението, обвинетите од страна на италијанското правно лице освен со туристички патувања биле наградени и со парични средства.

– Првообвинетиот со дејствијата што ги извршил за себе прибавил противправна имотна корист во вкупен износ од 2.609.445 денари или 42.430 евра, додека второобвинетата за услугите што ги извршила за време на спроведување на проектите противзаконито се стекнала со 3.508.698 денари, односно 57.052 евра кој износ правното лице го исплатило од паричните средства наменети за спроведување на проектот на нејзина сметка отворена во Р.Грција – се наведува во соопштението.

Европската комисија согласно член 29.1 од Рамковната спогодба склучена меѓу Македонија и Европската комисија побарува поврат на средствата доделени за спроведување на проектите во висина од 982.307 евра за првиот проект, односно 771.620 евра за вториот проект. Износот во вкупна вредност од 1.753.927 евра треба да се врати на Европската комисија, а на штета на Буџетот на Р.С.Македонија.

Исто така, при претресот на домот на првообвинетиот во текот на 2019 година беше пронајден и пиштол марка Luger што не e евидентиран во евиденциите за оружје и што обвинетиот неовластено го поседувал.​