Фото: Маја Јаневска-Илиева

По повод случајот во ГТЦ

Работењето на „риговите“ за „ископување“ криптовалути е проследено со голема бучава и потрошувачка на електрична енергија, а како најголеми предизвици за непрофесионалните домашни „фарми“ за криптовалути се јавуваат контролата на температурата на просториите, справувањето со бучавата и безбедноста на нивната локација, објаснува д-р Панче Рибарски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Ова прашање деновиве е актуелно и во Македонија по пријавата дека во Градскиот трговски центар (ГТЦ) се крадела електрична енергија наменета за оваа цел, која МВР ја отфрли. Според податоците на ЕВН, пак, појавата на „копање“ криптовалути е најзастапена во Скопје, односно во општините Чаир, Ченто и Шуто Оризари, како и во Арачиново и во Тетово.

– Можно е да се постави оваа опрема на секое место со решен довод на струја и одвод на топлина. Еден уред може да оддава бучава од 40-80 децибели па нагоре, така што една цела фарма би била многу бучна. Замислете десетина надворешни единици од клима-уреди кои се вклучени во ист момент. Друг важен фактор е безбедноста на локацијата. Во последно време слушаме многу вести за украдена опрема за копање криптовалути. Поради бучноста, овие фарми, кои се поставувани во гаражи, подруми, хали и слично, се лесно воочливи, па затоа се честа цел на крадци. Поставувањето зависи од типот на опремата. Постојат уреди кои работат по принципот „вклучи во струја и мрежа”, но постојат и уреди кои бараат повеќе внимание и познавање. Меѓутоа, за сите уреди мора да се има специфично познавање за почетното поставување, но и потоа за постојано следење на опремата, бидејќи може да се расипе дел, да престане да работи, да се ресетира… за посериозни поправки потребни се алатки, исто како сервис за компјутери – објаснува Рибарски.

Трошоците за поставување и одржување на ваквите „ригови“ може да се поделат на повеќе категории: купување, одржување и трошење на електрична енергија. Цената на опремата може да се движи од илјада до 20 илјади евра, во зависност од тоа дали се купува нова опрема или пак веќе користена.

– Цените за струја се директно поврзани со потрошувачката на уредот. Еден уред може да троши минимално, 500-1.000 вати/час, меѓутоа може да троши и многу повеќе, односно 2-5 киловати/час. Оваа потрошувачка е по уред, а вкупната потрошувачка на фарма која може да има по 5, 10, 50 уреди, е сумата на потрошувачката на секој уред посебно – нагласува Рибарски.

Лажната тревога во ГТЦ фрли светло врз тајните системи за „копање“ криптовалути

Дел од „ископувачите“ на криптовалути се одлучуваат и на хибриден модел на тргување, кога продаваат количества кои им се потребни за плаќање на тековните трошоци (електрична енергија и одржување), а остатокот од криптовалутите го чуваат во т.н. електронски паричници со надеж дека ќе добијат многу повисоки цени за продажба во иднина. Ваквата практика е позната како „holding“, односно чување.

– Профитот е финалната цена на опремата и месечните добивки во криптовалути, минус потрошената струја и потребните поправки. Доколку се продаваат криптовалутите редовно, заработката може да се следи тековно според цените на криптовалутите на менувачниците. Меѓутоа, луѓето кои копаат често калкулираат со моментот за продавање, односно менување на криптовалутите, обидувајќи се да погодат момент во кој криптовалутата има висока вредност, во спротивност од моментот кога валутата има ниска вредност – заклучува Рибарски.

Наспроти предизвиците за поставувањето на „фармите“, „копањето“ на криптовалути во Македонија, како и секаде во светот, може да биде исплатливо доколку се поседува потребната опрема. Токму затоа, сјајот од можноста за голема заработка со „копање“ на криптовалути заслепе многумина, додека нивната регулација предизвика поделени мислења. Во трката по дигиталните валути многумина прибегнуваат и кон кражба на електрична енергија, со што големата потрошувачка предизвикана од ископувањата, предизвикува штети, што претставува и дополнителен проблем во осетливиот период кога светот се соочува со енергетска криза.