Лекарка од Делчево им издала лажни потврди на четири лица за да може да се движат за време на полицискиот час. Против неа е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување. Пријава е поднесена и против уште едно лице кое ѝ ги дало имињата на докторката.

„С.К.(48) од Делчево, вработена како лекар во здравствена установа од Делчево, постапила спротивно на одлуките на Владата, и изготвила медицинска потврда, во која навела дека лицето В.З. од село Панчарево, дошол во нејзината ординација на лекарски преглед во придружба на четири лица, иако знаела дека истите не биле во придружба на пациентот“, соопшти МВР.

Од таму информираат дека со потврдата лицата се движеле во времето на полицискиот час, постапувајќи спротивно на одлуката на Владата дека во време на забрана за движење, придружба на лице за давање итна медицинска помош можат да вршат најмногу две лица.

Второпријавениот С.З.(50) од село Панчарево, пехчевско, телефонски на докторката ѝ ги именувал четирите лица кои таа требало да ги наведе во потврдата за да им послужи за патување на истите во време на забраната за движење, со што со умисла ја поттикнал лекарката да го стори кривичното дело, иако знаел дека лицата наведени во медицинската потврда не биле во придружба на пациентот.