Судот одлучил на следното рочиште за „ТНТ“ да ја повика докторката која на обвинетиот ексградоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, му издала медицинска документација во која е наведено дека тој има здравствени проблеми и не може да ја следи расправата. Ова воедно беше причината за одложување на вчерашното рочиште.

– Со цел утврдување на фактичката состојба, доследно почитување на правата на странките во постапката, како и јавниот интерес за предметот, судот ќе и овозможи на докторката јавно да ја образложи здравствената состојба на обвинетиот и причините за неговата спреченост да присуствува на судењето, за што веќе има издадено соодветна документација – велат од Кривичниот суд.

Судот го прифати барањето на одбраната за одложување на вчерашното рочиште за предметот „ТНТ“, откако беше доставена лекарска документација дека обвинетиот Трајковски е под терапија и не е во состојба да учествува на судските рочишта.

Адвокатот на обвинетиот Тони Трајковски, Јовица Страшевски по завршувањето на вчерашното рочиште, на прашање зошто не може Трајковски да доаѓа на судења, рече дека има последици по здравјето од самото претепување.