Фото: Игор Бансколиев

Како што пишуваат медиумите во соседството, грчките лекари земале 400 евра од граѓаните што не сакале да бидат вакцинирани со вистинска вакцина, но сепак сакале да добијат ковид-сертификат, па добивале вакцинација со вода, со цел да го избегнат плаќањето за брзи тестови

Лажните имунизации најнова пандемиска тренд-инвенција на криминалците

Откако започна пандемијата предизвикана од коронавирусот, бевме сведоци за разни криминални инвентивни дела поврзани со пандемијата на ковид-19, почнувајќи од лажни лекови, лажни средства за дезинфекција, па сѐ до лажни вакцини, сертификати, ПЦР-тестови…, инвентивноста на криминалците растеше со стегањето на обрачот за да се спречи ширењето на вирусот.
Фактот што криминалците успешно ги лансираа своите лажни производи не е последица само на нивната инвентивност туку и, за жал, на побарувачката од страна на луѓето, кои во потрага по магичен лек, посегнуваа по црната понуда на нелегалниот пазар.

ЛАЖНА ВАКЦИНАЦИЈА – НОВ ТРЕНД ВО ЕВРОПА

Лажни ковид-сертификати, лажни ПЦР-тестови, досега беа врвот на криминалот поврзан со коронавирусот. Сепак, целосно нов начин на криминално однесување почнува да го запоседнува Стариот Континент. Лажна вакцинација со вода, само за да се добие фамозниот сертификат, кој ширум ги отвара вратите насекаде.
Според светските медиуми, стотици лекари и медицински лица, за одреден паричен надомест, по барање на луѓето што не сакаат во себе да примат вистинска вакцина, им инјектираат вода.
Ваков пример неодамна бил забележан во соседна Грција, каде што граѓаните плаќале 400 евра за да бидат вакцинирани со вода, само за да го добијат познатиот сертификат.
Како што пишуваат медиумите, грчките лекари земале 400 евра од граѓаните што не сакале да бидат вакцинирани со вистинска вакцина, но сепак сакале да добијат ковид-сертификат, па добивале вакцинација со вода, со цел да го избегнат плаќањето за брзи тестови.
Некои од докторите отишле подалеку, па и покрај тоа што зеле мито во износ од 400 евра, сепак, ги вакцинирале антиваксерите со вистинска вакцина наместо со вода, за да избегнат понатамошни проблеми доколку властите откријат дека лажно вакцинирале.
Сето ова на големо отвори дискусија во Грција. Од една страна, антиваксерите добиле антитела што ги штитат од коронавирусот, а од друга страна, добиле медицински третман за кој не дале согласност. Измамените антиваксери можат да ги тужат докторите, но само доколку првенствено признаат дека дале мито од 400 евра за да добијат лажен сертификат, што, пак, со себе поведува измама на системот за која кривично се одговара.
Грчката влада има огромен проблем кога е во прашање лажата вакцинација, бидејќи, се проценува дека досега околу сто илјади лица примиле лажна, а не вистинска вакцина преку подмитување на медицинскиот персонал.

ИМАШЕ СЛУЧАИ И НА ИЗМАМЕНИ ГРАЃАНИ

Јавноста сѐ уште го памети случајот во индискиот град Мумбај кога се случиле најмалку 12 лажни акции за вакцинирање на населението. Со раствор од солена вода биле „вакцинирани“ повеќе од 2.500 лица, а организаторите на вакцинацијата за тоа им зеле и пари на потенцијалните жртви и за вакцинирањето успеале да заработат 28 илјади долари.
Уапсени беа 14 лица, а разработената шема успеала да измами дури и лекари и други медицински работници.
Слична ситуација беше забележана и во Кина во февруари годинава, кога кинеската полиција уапси повеќе од 80 лица и заплени три илјади лажни дози вакцини против ковид-19.
Осомничените работеле на планот уште од септември минатата година, а сите лажни дози беа пронајдени и запленети од страна на кинеските власти.
Според полициските извори, овие вакцини требало да се испратат во странство.
На црниот интернет-пазар во март беше откриено дека лажни вакцини против ковид-19, под имињата на „Астра Зенека“, „Спутник“, „Синофарм“ и „Џонсон и Џонсон“, можеа да се купат по цена од 500 до 750 долари, и тоа за две дози. Анонимните трговци продаваа и лажни потврди за вакцинација за 150 долари.
Полицијата и во Јужна Африка заплени неколку стотини ампули лажни вакцини против ковид-19. Во тамошната акција беа уапсени четворица осомничени.

ЗЕМЈИТЕ СО НАЈМАЛА СТАПКА НА ВАКЦИНАЦИЈА СЕ СО НАЈГОЛЕМ БРОЈ ЛАЖНИ СЕРТИФИКАТИ

Според сите достапни податоци, заклучокот на експертите е дека во оние земји каде што вакцинацијата е на најниско ниво, граѓаните спасот го бараат во лажните сертификати и ПЦР-тестови. Најдобар пример за тоа во Европската Унија се Бугарија и Украина, каде што бизнисот со лажни сертификати буквално цвета. Во Украина, на пример, како што се зголемуваат рестрикциите за невакцинираните така побарувачката за лажни сертификати расте од ден на ден. Па така, за цена од само 75 американски долари, може да се купи лажен сертификат. Украинските власти велат дека невакцинираните им го загрозуваат слободното движење и на оние што се прописно вакцинирани, бидејќи рестрикции за патување е можно да се воведат за сите украински жители. Поради тоа, украинскиот парламент го смени законот и драстично ги зголеми казните за оние што ќе бидат фатени да продаваат или да купуваат лажни сертификати. Ако износот досега беше 35 долари, сега казната изнесува од 650 до 1300 долари, што е мошне висока казна доколку се земе предвид износот на просечната украинска плата од 530 долари. На оние што ќе бидат осудени, дополнително им се заканува казна затвор од две години.
За докторите што ќе бидат фатени дека издаваат лажни сертификати, казната изнесува од 1.300 до 2.600 долари, а им се заканува и затворска казна од една до три години. Казните за оние што продаваат лажни вакцинални сертификати изнесува од 3.200 до 6.500 долари и три години затвор.
Според докторите од Бугарија, сите што имаат сертификат, а сепак завршиле со сериозни компликации во болница како последица на заразувањето со ковид, на некаков криминален начин успеале да дојдат до сертификатот, а тоа не е вакцинација.
Во Бугарија цената за лажен сертификат или негативен тест изнесува од 200 до 300 евра.