Прилепчанецот Никола Петрески (52) е осуден на доживотен затвор и продолжување на притворот до започнување на издржувањето на казната, за убиството на поранешната сопруга и нејзината мајка, и за обид за убиство на шурата и шурната. Пресудата е изречена во прилепскиот суд по едногодишно судење. И ова е првпат од постоењето на судот во Прилеп да се изрече казна доживотен затвор.

– Расправата заврши по предметот за четири кривични дела, од кои две убиство. Во текот на расправата, водена од судијата Љубен Биноски беа изведени сите докази. По
дадените завршни зборови, судечкиот совет ја објави пресудата. Обвинетиот Никола
Петрески (52), кој е во притвор, и му е продолжен, е осуден на доживотна казна затвор. Осуден е за најтежок вид на кривични дела, плус и дело од областа на семејното насилство. Убиствата ги изврши на 11 јануари 2020 година, во утринските часови. Судот при донесувањето на одлуката, согласно одредбите од КЗ ги ценел сите околоности за носење на ваквата пресуда, при што се ценети отежителните околности – видот и бројот на кривичните дела, начинот на сторувања, општествената опасност од овој вид дела, степенот на кривичната одговорност, побудите и околностите заради кои се сторени. Врз Петрески е извршено психијатриско вештачење и утврдено е дека бил пресметлив во моментот на извршувањето на делата – изјави денеска судијата Жарко Велески, портпарол на Основниот суд Прилеп, потенцирајќи дека обвинетиот има право на жалба.

Имено, утрото на 11 јануари 2020 година, околу осум часот, сега веќе осудениот
Петрески заѕвонил на вратата на семејната куќа на Костоски на ул. „Александар
Македонски“ во Прилеп. Вратата ја отворила бабата Трајанка (63). Петрески пукал со
пиштол во главата на жената. Веднаш потоа ја убил и поранешната сопруга Александра
(41) пред очите на нивното дете. Убиствениот поход го продолжил пукајќи во шурата и
шурната. Шурата успеал да го совлада и да му нанесе и на убиецот повреди, по што била повикана полицијата. Кога пристигнале полициските екипи глетката била ужасна. Мајката и ќерката биле мртви, а имало и ранети. Осудениот Никола и убиената Александра биле разделени. А братот на убиената, со семејството, бил дојден од странство во посета на родителите. Ка.М.