Како судство мораме да се отвориме кон граѓаните. На судството му треба реформа. Свесни сме дека реформата подразбира и персонална реформа, свесни сме дека има луѓе кои не заслужиле да бидат судии. Меѓутоа свесни сме дека некое независно тело треба да преиспита за секој судија дали добро си ја работи работата или не. Мораме во името на огромен борј судии, кои чесно и посветено работат, да кажаме дека не сакаме да го носиме срамот на некои судии кои не ја заслужуваат функцијата.

Ова го изјави судиката Анета Димовска од Основен суд Скопје 2 денеска на отворениот ден во Врховниот суд по повод на одбележувањето на Европскиот ден за граѓанска правда и нагласи дека  сите судии имаат име и презиме и доколку некој не заслужува да биде судија, треба да биде отстранет.

На новинарско прашање како гледа на актуелната евентуална амнестија како политички инструмент и дали тоа значи дисквалификација на судството, Димовска потенцира дека ниту еден судија не би требало да се занимава со тоа.

– Амнестијата е политичка одлука, а судството работи по законите. Ниту можам, ниту знам што ќе се случува во иднина. Како граѓанин ако ме прашувате не сум за амнестија. Секој треба да си одговара за тоа што го направил – рече таа.

На прашањето дали смета дека има некаков напредок во судствоо по последниот извештај на Европската комисија, судијката Димовска одговори дека не може да се почувствува голем напредок, сепак, подвлече, „има напредок кога сме го лоцирале проблемот“.

Според неа, потребни се нови измени на Законот за парнична постапка од 2005 година, за што, како што рече едногласни се и судиите и адвокатите и другите учесници во постапките. Меѓудругото, оцени дека се потребни измени во делот каде постапките во вредност од 600 илјади денари се водат како мали, што е нагласи, нелогично за држава како РМ каде има многу низок стандард, додека во Германија тоа е спор од 5.000 евра. Потсети дека во тек се подготовки на измени на суштински закони, како што се за Судскиот совет, за судовите.

-Ќе видиме, истакна, што ќе излезе како финален производ.

Судијката Димовска посочи дека кога се говори за отвореност на судството, тоа не е само во смисла за известувањата за тоа кои судски постапки се водат, туку и во тоа на кој начин и кои луѓе се дојдене со заштита на презумпција на невиност, на лични податоци, потоа граѓаните да добијат елементарни податоци како што се со колку средства располага судот, колку има вработени, колкави се платите. Во самиот образовен систем нужно е, рече, да се внесат елементарни информации што значи судот и на кој начин се остварува правдата.

– Судовите да бидат отворени, луѓето да можат да пристапат до правдата преку пониските такси, кои се превисоки ако се направи анализа, преку донесување на Законот за беспалатна правна помош, односно доработка на постоечкиот, преку добра соработка со Адвокатската комора и носење други закони што ќе овозможат граѓаните да можат да ги остварат своите права – рече судијката на одбележување на Европскиот ден за граѓанска правда во организација на Основниот суд Скопје 2.