Криминалците од Југоисточна Европа забрзано ја прошируваат својата мрежа на дејствување / Фото: Игор Бансколиев

Криминалците од Југоисточна Европа ја прошируваат мрежата на дејствување, шверцуваат мигранти, дрога оружје. Илегалната трговија им носи големи профити на криминалците. Во масовните операции на Интерпол за спречување на шверцот се вклучени и македонските полициски органи

Европол со широка акција за откривање и спречување шверцерски групи и канали

Вкупно 34 земји се здружија пред неколку недели во борба против организираниот меѓународен криминал што потекнува од Југоисточна Европа. Четиридневната операција, поддржана од Европол, која беше дел од Деновите на заедничко дејствување, беше реализирана за справување со илегалната имиграција и трговија со огнено оружје и дрога, кои се два клучни приоритети на Европската мултидисциплинарна платформа против криминалните закани.
Во операцијата меѓу земјите-членки учествуваше и Македонија. Од соседните земји и од Балканот во акцијата учествуваа Бугарија, Грција, Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Во реализацијата беа ангажирани дури 8.838 службеници, меѓу кои полицајци, вработени во царина и граничари.
За време на неделата на акцијата, повеќе од 390 илјади лица и 44 илјади возила беа проверени за време на преминувањето на граничните премини на земјите, а во возилата беа прегледувани и сомнителните точки за илегална трговија.
Ефектите се што 73 лица беа уапсени поради обид за илегална трговија со мигранти, 17 завршија во затвор поради шверц на огнено оружје, 37 лица беа уапсени поради тоа што кај нив била пронајдена дрога, а кај седуммина биле пронајдени и огнено оружје и дрога. Кај 12 лица биле пронајдени лажни документи, едно лице било уапсено поради распишана интернационална потерница, а 19 биле уапсени поради други недозволени дејства. Биле запленети 51 парче оружје од различен тип и 47 килограми разновидна дрога.
Операцијата била предводена до шпанската цивилна гарда, со помош и координација од Европол.

– Криминалците од Југоисточна Европа забрзано ја прошируваат својата мрежа на дејствување. Европол посветено работи со земјите од овој регион и ги поддржува во борбата и откривањето на организираниот криминал. Оваа операција е одличен успех за соработка помеѓу земјите – изјави Јари Лиуки, директор на Европскиот центар за тежок и организиран криминал при Европол.
Во посебна истрага реализирана од страна на полициите во Франција и во Белгија беше откриена голема криминална мрежа што не се занимавала само со шверц на возрасни мигранти туку и на малолетни деца, кои би биле принудени да просат. Криминалната група поседувала и лажни лични документи, но и документи со кои требало да се направи измама преку институциите задолжени за социјална помош. Некои деца дури и ги регистрирале по неколкупати со други имиња за да добиваат повеќе финансиски средства.
Криминалната мрежа работела со години, а нејзината илегална заработка се проценува на пет милиони евра годишно. Во операцијата биле проверени седум локации каде што биле откриени лажни лични карти, пасоши, изводи од матични книги на родени, изводи од матична книга на венчани, мобилни телефони, златен накит и сметки за трансфери на финансиски средства.
Француските власти уапсиле 13 лица, а 15 малолетни деца експлоатирани од нивните семејства биле спасени и ставени под заштита.

Уште од април 2018 година, властите од Белгија ги следеле криминалните активности на организацијата. Криминалната група обезбедувала илегален влез на мигранти од Сирија во Европа. Ги снабдувала со документи, со чија помош тие аплицирале за азил и социјални бенефиции. Заработката од само овој тип измами се проценува на повеќе од 250 милиони евра.

[email protected]