Фото: Игор Бансколиев

Според истрагата, дури 185 малолетници биле шверцувани низ Централна Америка само до ноември 2020 година, а оттогаш до денот на акцијата, бројот на шверцувани деца пораснал на 267

ИНТЕРПОЛ И ЕВРОПОЛ МОБИЛИЗИРАНИ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА ШВЕРЦУВАЊЕТО МАЛОЛЕТНИЦИ

Бегалската криза никако да запре. Маршрутата на бегството од мачната реалност со која се соочуваат овие луѓе најчесто е трасирана кон европските земји и САД, но додека да стигнат таму, како по правило, ги очекува неизвесна, а многу често тешка судбина. Илјадници мигранти и деца загинаа низ белиот свет во обид да го пронајдат спокојството на животот, а многу повеќе останаа измамени од страна на шверцерите, кои целата ситуација ја користат за брза и лесна нелегална заработка на големи финансиски средства.
Во последно време, најголеми жртви на овие пребегувања од една на друга страна на светот се децата, кои патем често остануваат без своите најблиски, а многу од нив и насила се земени за да бидат злоупотребувани низ светот.

АКЦИЈА НА ИНТЕРПОЛ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ ШВЕРЦ СО МИГРАНТИ И ДЕЦА

Неодамна Интерпол ја информира јавноста за акцијата со кодно име „Фронтера норте“, во која полицијата на Чиле успеала да уапси девет осомничени членови за кои постоело сомнеж дека работеле со шверцување мигранти. Истрагата била поддржана од страна на Интерпол и органите на прогонот на Јужна и Централна Америка.
Акцијата се реализирала на 29-ти минатиот месец, во северниот дел на Чиле, во близината на границата со Перу. Меѓу уапсените има четворица Чилеанци, двајца Венецуелци, еден Перуанец, едно лице од Хаити и еден Парагваец, кои ќе се соочат со обвиненија за незаконско здружување и шверцување мигранти.
Како што информираат од Интерпол, криминалниот синџир е осомничен за шверц на околу илјада хаитски мигранти од Чиле, чии дестинации биле прво Мексико, па САД.
Во една рација на мигрантската патека биле откриени дури 267 деца од Чиле, на возраст од шест години или помали. Тие биле деца на мигранти од Хаити, а биле откриени во нередовна миграциска маршрута кон Соединетите Американски Држави во Костарика, Гватемала, Мексико, Никарагва и Панама.
Истрагата започнала уште на почетокот на минатата година, кога чилеанските власти добиле информации за наплив на голем број деца од Хаити што ја преминувале границата со Перу.
Набрзо потоа, со започнувањето на пандемијата предизвикана од ковид-19, пристигнале многу известувања дека голем број деца останале заробени на граничните премини во Костарика, Мексико, Никарагва и Панама, поради затворањето на границите како една од мерките за спречување на ширењето на вирусот.
Според истрагата, дури 185 малолетници биле шверцувани низ Централна Америка само до ноември 2020 година, а оттогаш до денот на акцијата, бројот на шверцувани деца пораснал на 267.
Како последица на тоа, Интерпол објави жолти известувања, кои всушност се глобални предупредувања за лоцирање на исчезнатите деца, и дополнително уште 526 сини известувања за да се пронајдат родителите на децата за да утврдат дали тие се на пат кон САД.
Во некои случаи дури било потврдено дека децата не ни патуваат со биолошките родители, бидејќи тие или починале по патот, или пак ги напуштиле.

УСЛУГА ЗА ШВЕРЦ НА МИГРАНТИ ПРОМОВИРАНА НА ВАТСАП

Во текот на истрагата, полицијата идентификувала транснационална криминална мрежа посветена на промовирање и олеснување на нерегуларното патување на мигрантите од Хаити и Чиле во Соединетите Американски Држави.
Криминалците ги промовирале своите услуги преку групите Ватсап и биле одговорни за нивниот транспорт преку границата Чиле – Перу, по што мигрантите го започнувале долгиот копнен пат до САД. Криминалците од Чиле, исто така, имале контакти со шверцери на мигранти во другите земји на маршрутата.
– Ужасно е да се мисли што претрпеа овие деца, некои од нив имаат само по неколку години – рече генералниот секретар на Интерпол, Јирген Сток.

РЕДОВНИ АКЦИИ И НА ЕВРОПОЛ

Пред една година и Европол реализира акција за фаќање на криминалците што заработувале од шверцот на мигранти.
Во посебна истрага реализирана од страна на полициите во Франција и во Белгија беше откриена голема криминална мрежа што се занимавала не само со шверц на возрасни мигранти туку и на малолетни деца, кои би биле принудени да просат. Криминалната група поседувала и лажни лични документи, но и документи со кои требало да се направи измама преку институциите задолжени за социјална помош. Некои деца дури и ги регистрирале по неколкупати со други имиња, за да добиваат повеќе финансиски средства.
Криминалната мрежа работела со години, а нејзината илегална заработка се проценува на пет милиони евра годишно. Во операцијата биле проверени седум локации каде што биле откриени лажни лични карти, пасоши, изводи од матични книги на родени, изводи од матична книга на венчани, мобилни телефони, златен накит и сметки за трансфери на финансиски средства.

МАКЕДОНИЈА ДЕЛ ОД БАЛКАНСКАТА МИГРАНТСКА МАРШРУТА

Македонците се луѓе што исто така сакаат брза заработка на пари, па честопати во полициските билтени може да се забележат голем број случаи на шверцување мигранти.
Па, така, во јуни годинава, кај базата на „Македонија пат“ – Гевгелија, полицијата запрела камион со скопски регистарски ознаки, управуван од 26-годишниот Ж.В.
Кога полицијата се обидела да го запре возилото, возачот не сакал да застане. Сепак, по запирањето, возачот почнал да бега, но бил пронајден и уапсен. При прегледот, во возилото биле пронајдени 48 лица мигранти, од кои 38 лица од Пакистан и 10 лица од Бангладеш.
Во мај, пак, бугарски државјанин за паричен надомест илегално пренесувал осум лица мигранти со потекло од Ирак. Тој, со комбе со бугарски регистарски таблички, за илегално да ги превезе до западноевропските земји, ги прифатил мигрантите во Солун. Во импровизиран бункер во покривниот дел на возилото ги сместил во легната положба и поминувајќи го граничниот премин Богородица, преку автопатот Е 75 пристигнал на граничниот премин Табановце.
Земјава веќе долги години е дел од мигрантската маршрута на мигрантите при нивната реализиација на потрагата по подобро утре.

[email protected]