Во очекување на нови дополнителни информации за утринската трагедија на базенот „Довлеџик“ на излезот од Битола, неофицијално добивме нови поединости од присутните на немилиот настан.

Две девојчиња на возраст од 14 години, во својата детска игра почнале да се туркаат крај базенот, но никој од присутните не ни насетувал дека играта за кусо може да се претвори во трагедија.

По некое време, занесени во играта и двете девојчиња паднале во вода. Едното кое не знаело да плива го фатило паника, но веднаш интервенирале присутните и го извлекле живо и здраво. Во мешаницата која настанала, останува нејасно како никој не го забележал второто девојче, за кое се тврди дека знаело да плива, но кое од неразбирливи причини потонало на дното на базенот и таму останало.

Дури откако се расчистила мешаницата, безживотното тело било забележано и извлечено, но веќе било доцна за да му се помогне.

Засега не се соопштува идентитетот на удавеното девојче, а полицијата спроведува истрага на местото на несреќата.
М.М.